Секој втор занаетчија во Тетово става клуч на фирмата, скапата струја и суровините се голем удар, бараат помош

Занаетчија
Занаетчија / Фото: EPA-EFE/YOUSSEF BADAWI

Речиси секоја втора фирма која се занимава со некој занает, бара да ја затвори фирмата, велат од Занаетчиската комора, регионална дирекција Тетово.

Фирми со вакви дејности во Тетово ги има многу. Практично, сите помали фирми се занаетчии, освен угостителите, трговците и такси компаниите. За време на корона кризата тие „пливаа на површина“ со владините мерки и субвенции, но сега со војната во Украина, која има донесе екстремно високи цени на електричната енергија и суровините тешко им се пишува, велат од комората.

Најпогодени се занаетчиите – поединци, кои со тоа што ќе го заработат, не можат да ја платат високата сметка за струја во локалот, кој го имаат земено под закуп. Досега за затворени триесетина фирми.

„Во моментов сите се погодени, а највеќе шивачите, кондураџиите и слично. Од почетокот на годинава досега се затворени над триесетина фирми. Немало толкава бројка, се бришел од регистарот можеби по некоја фирма, но затоа имало многу уписи на фирми. На пример имало по педесетина уписи на фирми, а годинава се регистрирани само 5 фирми“, изјави Виолета Станкоска од Регионална занаетчиска комора Тетово.

Експертите решението го гледаат во владините мерки и субвенции, кои се неопходни стопанствениците да го издржат дополнителниот товар од високите сметки.
Велат дека особено значајна е помошта за поголемите фирми, во спротивно и на нив им се заканува затворање. Можеби не во толкава голема бројка, но и сега е евидентно нивното затворање, говорат информациите на Агенцијата за подршка на претпријатијата ЕСА Тетово.

„Затворањето на фирмите во пракса го гледаме сите, тоа е евидентно. Очекуваме владата со некои мерки да ги ублажи проблемите, особено за фирмите кои имаат високи сметки за струја. Мислам дека овој процес е во постапка, оти ако нема ваква помош, дефинитивно и поголемите фирми ќе затворат или пак привремено ќе ја стопираат работатат, додека не се создадат одредени услови за работа. Сите фирми страдаат, особено тие кои струјата ја користат во поголемиот дел од производствениот процес“, изјави Неби Јусуфи од Агенција за поддршка на претпријатија ЕСА Тетово.

Градоначалникот на Општина Тетово Биљал Касами, вели дека во координација со Занаетчиската комора Тетово, работаат на поддршка на занетчиите во овие тешки времиња.

„Ние во Штуловиот универзитет подготвуваме една просторија, која ќе биде определена за поддршка на занаетчиите. Општина Тетово подготвува еден проект преку кој ќе се помогнат сите занаетчии со административни работи, што значи сите занаетчии ќе можат да се регистрираат со поддршка на Општина Тетово во делот на правните и економските услуги, ќе има семинари и обуки за нив, но и промовирање на нивните производи. Општина Тетово веќе работи сериозно да им помогне“, вели градоначалникот на Тетово Биљал Касами.

Според статистиката на Занаетчиската комора Тетово, 80 % од дејностите во Тетово се занаетчиски, останатите се трговски и угостителски објекти, како и такси компании.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот