Сеќавање на достигнувањата од процесот на обновата на Скопје поттикнува изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“

Прошетка низ изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“

Архитектонската изложба „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“, која беше отворена во Музејот на современата уметност во Скопје минатата година, кога беа одбележани 60 години од катастрофалниот земјотрес, уште 15-ина дена ќе биде поставена во МСУ.

По тој повод, Амбасадата на Република Грција организираше средба на новинари од повеќе медиуми со организаторите на изложбата. Непосредно низ експонатите на изложбата приказната за нејзиното создавање, значење и претставување пред јавноста ја раскажаа архитектите Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков, додека за уметничките дела од грчки автори, кои се вкомпонирани во архитектонската поставка, зборуваше кустосот Бојана Јанева.

Изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ има за цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за постземјотресната обнова на Скопје, а во нејзиниот фокус е улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер – Константинос А. Доксијадис (1913-1975), познат како татко на екистиката. Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од страна на Обединетите нации, кои го водат процесот за обнова на Скопје.

Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговата лична работа и работата на неговата компанија, нивните извештаи, деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, зборовите и размислувањата, сето тоа значајно и подеднакво придонело во изработката на Основниот план за обнова на Скопје.

Причините што толку страстно се нафатил да соработува околу обновата на Скопје лежат во неговото искуство како еден од архитектите што биле вклучени во обновата на Грција по Втората светска војна и сакал сите свои знаења да ги употреби во обновата на разрушениот град.

Константинос А. Доксијадис (1913-1975)

Станувајќи стратегиска алатка за трансформација на градот во космополитска метропола, Основниот план го отвора патот кон градежниот бум што ќе следи во Скопје кон крајот на 60-тите и 70-тите години, претворајќи го „градот на меѓународната солидарност“ во една од престолнините на доцно-модерната архитектура и планирање. Инспирирани од духот на времето, наративот за новиот почеток и еуфоријата на обновата, меѓународните и домашните архитекти и планери заеднички проектираат нови радикални, на моменти и утопистички, градски пејзажи.

Пред пет години изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ била претставена во музејот „Бенаки“ во Атина преку обемна поставка, конференција и книга. Концептуално збогатена со уметнички дела од вредната колекција на МСУ во Скопје, подарени од грчки уметници, изложбата го враќа сеќавањето на достигнувањата од процесот на обновата на Скопје, но и придонесува за заживување на потенцијалот на архитектурата и нејзината општествена одговорност.

Автори и куратори на изложбата се Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос во соработка со истражувачкиот тим кој го сочинуваат Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Христос – Георгиос Критикос. Проектот е реализиран од Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата „Континео 2020“ – Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 225, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот