„Сè уште не било постудено од минус 32 степени“, Навални со иронична објава за ледените температури во затворската колонија

Алексеј Навални / фото: EPA/EFE

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални денеска упати иронична пофалба за поларните услови во затворот северно од арктичкиот круг, каде што беше префрлен непосредно пред Божиќ. Тој е сместен во затворската колонија ИК-3 во Харп, во сибирскиот регион Јамал-Ненец, на околу 1.900 километри североисточно од Москва, наведуваат британските медиуми.

Во објава на платформата Телеграм, Навални наведе дека бил ставен во казнена ќелија поради лошо однесување веднаш штом излегол од карантин во затворската колонија наречена „Поларен волк“.

„Сè уште не било постудено од минус 32 степени. Ништо не окрепнува толку добро како прошетката низ Јамал во 6:30 наутро“, напиша Навални во саркастичната објава.

Тој објави и слика од дворот каде што шета, каде што може да се види бетонски ѕид со метални решетки на врвот.

Навални во објавата споменува и сцена во филмот „Повратникот“ од 2015 година, во кој Леонардо ди Каприо се крие во труп на коњ.

„Мислам дека тоа не би функционирало овде. Мртвиот коњ ќе замрзне за 15 минути. Овде ни треба топол, пржен слон“, додаде Навални.

„Поларен волк“ важи за еден од најстрогите затвори во Русија, каде што најголем број затвореници се осудени за тешки кривични дела. Зимите таму се сурови, а се очекува пад на температурите на околу минус 28 степени Целзиусови во текот на неделата.

Навални беше префрлен во оваа колонија кон крајот на декември минатата година, откако две недели не беше познато каде се наоѓа, а неговите помошници беа загрижени затоа што тој не беше на списокот на затвореници во Владимирската област, 300 километри источно од Москва, каде што првично ја отслужуваше казната од 30 години затвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот