Се пишуваат кривични пријави, ама кафеаните не може да се затворат

Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Здравствената криза наметна потреба од нови ингеренции на Државниот пазарен инспекторат.

На собраниска седница се очекува поставувањето на измените на Законот за заштита на население од заразни болести што ги усвои Владата, а со кои се предвидени нови поголеми овластувања на инспекциските служби. Државните пазарни, трудови и инспектори за транспорт на локално и централно ниво добија овластување на самото место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста во траење до 30 дена за правниот субјект доколку се забележи прекршување на здравствените протоколи. Истовремено, со новите законски измени ќе се зголемат глобите за прекршителите на здравствените протоколи, што значи колку поголема фирма, толку поголема глоба.

Во меѓувреме, инспекторите на терен регистрираат голема недисциплина кај угостителските објекти. Само во саботата, дента и ноќта, се напишани 12 кривични пријави за непочитување на здравствените протоколи во угостителски објекти во Скопје, Охрид, Битола и во Кичево.

Сегашните законски прописи не дозволуваат пазарните инспектори да затвораат кафеани што кршат ковид-протоколи. Инспекторите можат да затворат локал само ако тој работи повеќе од дозволеното работно време.

– Побаравме од Владата да достави предлог до Собранието да ни се зголемат ингеренциите за да може веднаш да затвораме. Нека размислат во Владата, оти ние џабе контролираме и пишуваме записници кога локалите не можеме да ги затвориме. Газдите поминуваат само со парична казна од 4.000 евра, а за гостите што не ги почитуваат протоколите, нема никаква казна – објасни директорот на ДПИ, Стојко Пауновски, непосредно пред Владата да ги усвои предлог-измените на Законот за заштита на население од заразни болести,

Досегашните ингеренции за ДПИ се однесуваа на контрола на примената на законите за безбедноста на производите, заштита на потрошувачите, дејности од трговијата, угостителството, туризмот, занаетчиството, заштита на правата од индустриска сопственост. Инспекциските надзори се вршеа и за доследно спроведување на одлуките и протоколите за заштита на населението од коронавирусот.

Вкупно има 155 инспектори, кои во првото полугодие извршиле повеќе од 15.400 надзори, од кои 11.000 биле вонредни. Откриени биле 2.549 неправилности, а најмногу во Пелагонискиот и во Полошкиот регион.

Ќе има „дебели“ и казни за фирмите што кршат протоколи

Измените на Законот за заштита на населението од заразни болести предвидуваат за микропретпријатие кое прекршило некој протокол да се изрече глоба од 2.500 до 3.000 евра во денарска противвредност. За мало претпријатие е предвидена глоба од 5.500 до 6.000 евра. За средно претпријатие од 17.500 до 18.000 евра, а за големо претпријатие глоба во износ од 25 илјади до 30 илјади евра во денарска противвредност. Предвидени се соодветни глоби и за одговорното лице на правното лице, кои се во различна висина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот