Се откажувале од вакцинација, затоа што постат

Вакцинален пункт Борис Трајковски - Фото: Слободен Печат. / Драган Митрески

Причините поради кои на првиот ден од масовната вакцинација во земјава, од вкупно 9 илјади закажани термини, празни останале половината се најразлични. Граѓаните се откажувале затоа што постат, затоа што добиле порака да се вакцинираат во друг град кој не им е блиску, затоа што не биле прописно искомуницирани и информирани на кој вакцинален пункт и кога да пристигнат.

Жаклина Чагоровска од електронскиот систем ,,Мој термин” за Слободен печат вели дека првиот ден, имало некој поголем процент од вообичаениот на граѓани кои не се појавиле на пунктот во Кавадарци каде што таа асистира.

-Тоа што го направивме ние од Мој термин е истражување, инсистиравме матичните лекари да проверат зошто настануваат откажувањата. Најчесто луѓето се предомислиле, некои не добиле информација па дојдоа наредниот ден, некои не можевме да ги добиеме затоа што не им беше точен телефонскиот број. Од колегите што слушнав, во Тетово на колешката и рекле дека постат луѓето и не сакаат да се вакцинираат за време на постите. Други рекоа дека не им е закажан терминот во нивниот град, туку во град во близина и ќе чекаат во нивниот град да се вакцинираат. Различни причини имаше. Во Кавадарци првиот ден беше послабо, но направија напор здравствените домови во околината и општата болница Кавадарци. Вчера имавме одличен одзив. Од 1.200 пријавени, беа вакцинирани над 1.100 лица. Паралелно се вакцинираат и здравствени работници. За сите здравствени работници кои не се вакцинирале во првата фаза од некоја причина, сега оставаме опција да се вакцинираат. Во Кавадарци администрацијата е многу вклучена и помага во административните работи, волонтери од Црвен Крст и докторите од околните градови се дојдени. Генерално добро функционира, технички проблеми немаме, вели Чагоровска.

Таа додаде дека секојдневно расте бројката на новопријавени лица што изразуваат интерес за вакцинација.

-Вчера имаше 240 илјади пријавени и секој ден расте бројката. Сега се канат на пунктовите сите што се пријавиле до 30 април. Одиме од највозрасни кон помлади, па кога ќе завршиме со оваа група ќе ги земеме сите што се пријавиле после 30 април. Планот е на локално ниво здравствените домови да им понудат на лицата кои немале можност електронски да се пријават, пријавувањето да го направат преку нив. Разгледуваме такви можности. Нам ни се проблем ранливите групи кои немаат пристап до интернет. Дури и разговараме да се оди кај нив со теренска посета и со патронажни сестри за да се види како ќе ја дополниме базата. Гледајќи ги бројките, дека секој ден се зголемува бројот на пријавени за по неколку илјади, мислам дека ќе има интерес. Ќе има и од оние што прележале, па ќе им дојде времето да се вакцинираат. Мислам дека ќе има интерес постојано, изјави Чагоровска.

Најчестиот проблем, според неа, со кој се соочуваат во системот Мој термин е тоа што се внесуваат неточни податоци од страна на луѓето кога се пријавуваат како и неточни телефонски броеви.

– Тоа е причината што дел од луѓето не се појавија на вакцинација е што не биле информирани на точен мејл или телефонски број. Апелиравме матичните лекари генерално да ги гледаат пациентите што им се закажани. Инсистираме на тоа повторно да ја информираат особено групата над 70 години дека за нив има закажан термин, посочува Чагоровска.

Министерот за здравство Венко Филипче откако соопшти дека од 9 илјади граѓани првиот ден закажани за вакцинација, не се појавиле половината, рече дека ќе се направи обид да се идентификува проблемот.

Претседателката на здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова тврди дека граѓаните се откажуваат од вакцинација зашто термините им се закажани на локации кои се далеку од нивното место на живеење, а немаат ниту пари ниту придружба да отидат дотаму, особено зашто се работи за повозрасни лица од над 70 години. Според неа, имало дури и лица кои имале мозочен удар или други состојби што ги оставиле неподвижни, а кои добиле термин за вакцинација, наместо некој да дојде во нивниот дом да им ја администрира вакцината.

-Проблем е и тоа што нема точни насоки за тоа дали некои луѓе со ретки болести смеат да се вакцинираат. Или тие со високи антитела. Затоа голем дел од матичните лекари на самиот пациент ја оставаат одлуката, зашто не сакаат да имаат одговорност доколку се јави проблем, вели доктор Чолакова Дервишова за Слободен печат.

За овие граѓани од Министерството за здравство издадоа упатство да се упатат на најблискиот вакцинален пункт и да ја покажат СМС пораката дека имаат термин. Иако терминот им е за друг град, нема да бидат одбиени и ќе ја примат дозата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот