Се гради консензус за укинување на техничката влада

Седница на Собрание на РСМ / Фото: МИА

Измената на Законот за Влада можно е да биде на дневен ред во пакет со изборот на замениците министри. Засега нема најава дали ќе има лидерска средба или сè ќе се решава во Собранието.

Навести ли претседателот на Собранието Талат Џафери дека наскоро т.н. пржинска влада ќе замине во историјата? Иако предлог-измените на Законот за Влада не ги стави на дневен ред бидејќи не биле преведени, тој рече дека е можно и другите партии, покрај предлагачот ВМРО-ДПМНЕ, да се потпишат и техничката влада со консензус да биде укината. Тој додаде дека предлогот не е дистрибуиран до пратениците, бидејќи уште не е преведен, па нема предуслови за гласање.

СДСМ и ДУИ не се против укинување на пржинската влада, но инсистираат предлогот да биде со консензус.

– Во догледно време сметам дека другите партии ќе се приклучат за да има консензус за да не биде предложен еднострано. Ќе се разговара и со координаторите за да се приклучат кон предлог-законот – рече Џафери.

Засега нема најава дали консензусот за укинување на пржинската влада ќе се гради на лидерска средба или во Собранието. Потписнички на Пржинскиот договор беа СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА. Според собраниски извори, за укинување на пржинската влада најверојатно на маса ќе седнат трите најголеми партии потписнички, плус Алијансата за Албанците како најголема опозициска партија на местото на ДПА. Извори од Собранието велат дека укинувањето на техничката влада, можно е да биде на собраниска седница во пакет со изборот на замениците министри, планирана по 10 февруари.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара дополнување на дневниот ред на собраниската седница со нивниот предлог-закон за измени на Законот за Влада по скратена постапка.

Преодната или пржинска влада се избира на 100 дена пред одржување на парламентарни избори. Технички премиер предлага власта, опозицијата номинира свои кадри за министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменици министри за земјоделство, за финансии, како и за информатичко општество и администрација. Владејачката партија поставува дополнителни заменици министри во ресорите внатрешни работи и труд и социјална политика, каде што опозицијата има министри.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот