Се бара „наследник“ на Заев прифатлив за сите партнери?

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев / фото: Драган Митрески/Слободен печат

Новиот мандатар, оставката на Зоран Заев од премиерската и од лидерската функција во СДСМ, утврдување на позициите на владините партнери, се очекува да бидат ставени на маса попладне на состанокот кој премиерот во оставка го свика со владините партнери Али Ахмети, Билал Касами и со Мендух Тачи во Владата. Исто така, најавена е средба на Заев со помалите коалициски партнери од коалицијата „За подобра Македонија“.

Заев по поразот на локалните избори поднесе оставка од премиер и лидер на СДСМ, како што рече, преземајќи ја целата одговорност врз себе, но и потенцираше дека не е за предвремени парламентарни избори.

Извори од владините партнери на Заев се воздржани и не откриваат детали за своите позиции пред средбата со Заев, бидејќи како што велат, оставката на премиерот, иако претходно најавена, е нов момент за кој не разговарале и за сликата да биде појасна, ќе чекаат на состанокот.

Според брифинзи на дел владини партнери, новиот мандатар ќе треба да биде прифатлив за сите партнери. Очекувањата се да се почитува првичниот договор за Влада на Заев со Ахмети, Касами и со Тачи. Од резултатите на локалните избори можно е да се бара поголемо респектирање на дел владини партнери, не се исклучува реконструкција на Владата, рокади или посилни министерски позиции за дел владини партнери. Сигурно на состанокот ќе се отвори и прашањето за можни предвремени парламентарни избори, велат нашите соговорници. Тие нагласуваат дека не се потребни предвремени избори, дека мнозинството е стабилно и дека Владата треба да го заврши мандатот докрај. Децидни се дека нова влада може да има само на нови избори.

Од друга страна, оставката на Заев не само што ќе предизвика турбуленции во Владата, нејзина реконструкција и можни промени на ресори, туку ќе предизвика и земјотрес во СДСМ.

Според информации на „Слободен печат“ од партиски извори, оставката на Заев значи и оставка на целото раководство на СДСМ, што треба да резултира со вонреден изборен конгрес на партијата, оти како што велат, одговорноста за поразот не е само на Заев туку и на генералниот секретар, заменик-претседателот на партијата како и на потпретседателите. Од партијата не сакаат да зборуваат за можни имиња за премиер и претседател на СДСМ иако веќе во медиумите се шпекулира со имињата на заменичката Сања Лукаревска како можна идна премиерка. Интересно е дека најголем дел сопартијците во моментов не гледаат наследник на Заев ни за премиерското ни за партиското столче. Дури се лиферува предлогот за премиер да се номинира непартиско лице, ако има такво што во ваква ситуација би прифатило. Што се однесува, пак, за нов лидер на СДСМ, по промената на партискиот статут, него или неа, на непосредни избори го избира партиското членство и дека очекувањата се дека ќе има повеќе кандидати.

Според партискиот статут, вонредни внатрепартиски избори треба да се распишат во рок од 15 дена од престанокот на функцијата, кога се одредува и датумот за нивно одржување. Вонредни избори се одржуваат според истата процедура како и редовните внатрепартиски избори, а се распишуваат во случај на оставка на претседателот на партијата, со изгласување недоверба или со престанок на функцијата по кој било основ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот