СДСМ: Еколошката такса ќе обезбеди над 50 милиони евра годишно за инвестиции во зелен развој на државата

Фото: Архива на „Слободен печат“

Владата предводна од СДСМ и премиерот Зоран Заев останува силно посветена на инвестиции во еколошки, обновливи извори на енергија, велат од СДСМ.

– Во таа насока, еколошките такси се неизбежен дел од политиките за здрава и чиста животна средина.

Преку нив се поттикнува употребата на поеколошки енергенси во секојдневието, а во исто време се собираат средства за зелени инвестиции кои потоа имаат повеќекратен и долгорочен ефект за економијата.

Зелената такса се воведува во време кога се укинуваат 3 денари дополнителна акциза која беше воведена кога цената на нафтата беше најниска.

Важно е да се истакне и дека висината на еколошката такса се разликува од дериват до дериват и дека највисоката такса се планира за деривати кои најмногу ја загадуваат животната средина, како што се бензинот, дизелот, екстра лесното масло и мазутот, за кои е предвидено таксата да изнесува 3,5 денари по литар, додека за безоловниот бензин, таксата да биде 3,1 денар.

Проекциите говорат дека на овој начин во Буџетот на годишно нивно ќе се обезбедат меѓу 50 и 55 милиони евра, средства кои ќе се искористат за нови зелени проекти, инвестиции во обновливи извори на енергија, во енергетска ефикасност и слично.

Борбата против загадувањето неизбежно резултира со финансиски последици. Не смее да се занемари фактот дека справувањето со последиците од загадениот амбиентален воздух врз здравјето на луѓето е значително поскапо.

Лажни се обнивувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека ова е кризен данок. Овие такси ќе бидат наменети исклучиво за зелени инвестиции и зелени работни места, со што ќе се придонесе за економски раст и за почиста животна средина.

На овој начин дополнително го унапредуваме енергетскиот сектор, затоа испраќаме апел до сите пратеници во Собранието да дадат поддршка за законските измени кои носат придобивки за државата, енергетиката, за животната средина и квалитетот на животот на сите граѓани, се вели во соопштението на СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот