Сараевчанката која како дете ја загубила раката, сега е во Бундестагот

Јасмина Хостерт, Сараевчанката која е во германскиот Бундестаг/Фото Instagram

Јасмина Хостерт е германска политичарка која доби влез во Бундестагот. Родена во Сараево, таа се преселила во Германија на десетгодишна возраст, откако ја загубила раката во Сараево во 1993-та година.  

Во тоа време градот бил секојдневно гранатиран. Јасмина се преселила во Бон со нејзиниот татко и откри дека почетокот и бил доста тежок.  

Десет години чекала за германско државјанство  

„Без познавање на јазикот, без никакви контакти, како и многу бегалци денес, па дури и тогаш, во 1990-тите, не знаевме како ќе ни продолжи животот, дали ќе останеме во Германија или не. Мислам дека беше добро тоа што како мала брзо тргнав на училиште “, изјави Јасмина за Радио Сараево.

Училиштето и познанствата со врсниците и помогнале да се вклопи, но проблемот бил во добивањето на државјанство. Нејзината борба да стане германски државјанин траела повеќе од една деценија.  

„Во тие години, кога многу Босанци се враќаа или мигрираа понатаму, излезе закон според кој луѓето што се трауматизирани може да останат. Јас, тогаш како малолетник и без рака, го искористив тој закон, иако и тоа беше доста тешко. Морав да одам на доктор, тие мораа да пишуваат потврди. Сето тоа беше шокантно за мене, бидејќи на крајот на краиштата, јас останав без рака што нема повторно да порасне“, вели Јасмина, која подоцна дипломирала политички науки.  

Таа морала да ги знае законите за да добие документи за постојан престој, пишува порталот Радио Сараево.  

„На Германија и требаат луѓе“  

„Како дете, додека другите играа, морав да седам и да читам статии и да знам, кога ќе излезе новиот закон, што тој може да значи за мене и за мојот живот. Многу рано сфатив дека оваа политика е поврзана со мојот живот“, се сеќава таа. 

Таа се приклучила на Социјалдемократската партија пред 12 години, а била кандидат за Бундестагот во 2017-та година, кога не влезе во германскиот парламент поради лошите изборни резултати на партијата. Но, дури и тогаш таа јасно стави до знаење дека сака да се занимава со политика во иднина. Нејзините активности се фокусирани на децата и младите, што е еден од горливите проблеми во БиХ.

“Ако бев политички ангажирана во Босна и Херцеговина, ќе работев за да ги задржам моите луѓе да останат во земјата, да ја направам земјата привлечна, да ги решавам проблемите, а не да ги комплицирам работите. Така го доживувам политичкиот систем на Босна и Херцеговина. Поради тоа, младите луѓе и семејствата сакаат да одат во други земји, што е тажно од една страна, а од друга страна, на Германија и се потребни луѓе “, вели Јасмина. Таа денес има германско презиме и не крие колку и е полесно во германското општество поради тој факт. 

“Кој вели дека не е така, лаже. Ја почувствував разликата кога имав босанско презиме, секогаш бев странец, мигрант, а сега бидејќи имам германско презиме, поминувам како Германец. Луѓето понекогаш се чудат и ми велат дека не знаеле дека не сум од Германија. Тоа е нешто што многу ме нервира, иако сите луѓе овде ги имаат истите права, но за луѓето со презимиња на мигранти или оние за кои се гледа дека се од Турција или од друга земја, овде е потешко“, вели Јасмина. Нејзиното семејство живее во Сараево, а таа го посетува својот роден град барем еднаш годишно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот