
Сандански ликвидиран в грб, од заседа (7)
На еден од посмртните афиши отпечатени во Пиринскиот дел на Македонија било запишано дека Јане Сандански „по 20-годишна неуморна борба за ослободителното дело на македонскиот роб, падна убиен… од злобната рака на Бугарите“, што претставува не само јасна декламација на самостојноста на борбата на Сандански и Серчани, туку и јасна национална диференцијација помеѓу Македонците и Бугарите.
Нема никакви дилеми дека „Старикот“ бил убиен по налог на бугарскиот кобуршки кралски дворец и нивниот експонент, „големиот македонски водач“ Тодор Александров. Самото убиство било организирано од војводата Стојан Филипов, а извршено од заседа од Андон Качкаров. Сандански бил пронижан в грб на 9/22 април 1915 година, кај месноста „Блатата“, Мелничко, на Пирин Планина. На еден од посмртните афиши отпечатени во Пиринскиот дел на Македонија било запишано дека Јане Сандански „по 20-годишна неуморна борба за ослободителното дело на македонскиот роб, падна убиен… од злобната рака на Бугарите“, што претставува не само јасна декламација на самостојноста на борбата на Сандански и Серчани, туку и јасна национална диференцијација помеѓу Македонците и Бугарите.
Препорачано
Биографиите на егзекуторите потврдуваат дека тие биле соработници и извршители на Тодор Александров. Имено, Стојан Филипов бил роден на 2 август 1877 година во селото Старчишта, Драмско, и како војвода на автономистичката ВМРО бил еден од најдоверливите луѓе на Александров и на бугарскиот двор. По 1908 година бил егзархиски училиштен инспектор во Неврокопско. Учествувал во Балканските војни, а потоа бил пунктов началник на тодоралександровата ВМРО во Неврокоп.
Бугарскиот суд од Горна Џумаја го ослободил Филипов од одговорност за организацијата на убиството на Јане Сандански. Тој учествувал во Првата светска војна во рамките на бугарската армија, а по настаните сврзани со Горноџумајскиот колеж на македонската левица, бил назначен за раководител на врховистичката ВМРО во Мелничко. Учествувал на VI и VII конгрес на автономистичката ВМРО, а по расцепот на таа организација, станал приврзаник на Ванчо Михајлов. Бил и пратеник во бугарското Народно собрание. Во ноември 1932 година во Софија врз него бил извршен атентат од протогеровистите, но тој бил само ранет, а по забраната на автономистичката ВМРО, во 1934 година бил интерниран во градот Лом. Го убиле отечественофронтовските власти на 14 октомври 1944 година во Неврокоп, Пирински дел на Македонија.
Клевети и обвинувања
Сличен е „описот“ на животниот пат на директниот убиец на Сандански, Андон Качкаров (Качарков) кој бил роден во 1884 година во селото Мусомишта (или Ораховец), Неврокопско, Пирински дел на Македонија. По професија бил земјоделец, а имал само основно образование. Од 1912 година бил комита во чета на автономистичката ВМРО што дејствувала во Неврокопско, а за убиство на Јане Сандански, по налог на Тодор Александров, бил изведен пред суд во Бугарија, но бил ослободен „поради немање докази“. По Првата светска војна од Александров бил назначен за војвода во Драмско, Егејски дел на Македонија. По капитулацијата на фашистичка Бугарија, во септември 1944, бил стрелан од новите отечественофронтовските власти на 4 октомври 1944 кај Неврокоп (денешен Гоце Делчев).

Со цел да го оправдаат убиството на Јане Сандански, и пред самото убиство, но особено по него, тодоралександровите приврзаници настојувале да го омаловажат и оцрнат неговиот лик и дело. Тие пробугарски врховистички кругови го „плетат“, во разни варијации, следниот историски наратив: Јане Сандански е раководител на МРО во Серскиот округ, кој воспоставува „диктаторски режим“. Под тој „режим“ безмилосно се собираат разни даноци од „бугарското население“, а оние што одбиваат или не можат да платат биле казнувани со смрт. Сандански, пак, е наполно бескарактерен и корумпиран. Тој од „заколнат врховист“ се претворил во „најголем централист“, што, фактички, наводно ја докажува неговата идејна и карактерна недоследност и превртливост.
Уште во предилинденскиот период, Сандански од врховистите бил клеветен дека не сака да се започне востание за ослободување на македонскиот народ од османската власт, само за тој да се храни и да живее на сметка на селаните од пиринскиот крај. Дури во месеците по аферата „Мис Стон“ од страна на врховистите се ширеле гласишта дека, наводно, Сандански ги присвоил парите од откупот за себе, дека побегнал од Македонија во Западна Европа и сл.
На моменти, како од страна на свештеникот Попов, отворено се обвинувал Сандански дека во Серскиот округ владее со „терор“, а дека некои од своите противници во МРО ги отстранил така што ги кодошел и предавал на турските власти.

Ангел Узунов, чии „Спомени“ се завршени во 1974 година, веројатно за да ги „поткрепи“ ваквите „приказни“ на свештеникот Попов, пренесува и дел од спомените на Манол Хаџиев, во кои негативно се зборува за Сандански, во смисла дека уште како началник на затворот во Дупница „злоупотребил некоја сума и бил под истрага пред истражен судија…“, па затоа побегнал во Македонија и се придружил на МРО, а пренесени се и наводни предавства на чети на МРО и ВМК кај турските власти. Кај некои автори се посочува примерот на трлискиот војвода Динката, кој, наводно, по предавство од Сандански бил заробен и осуден на смрт од младотурската власт, а на неговото јавно погубување присуствувал и самиот Сандански, заедно со Тодор Паница и Чудомир Кантраџиев.
Бестијална необјективност
Бугарската националистичка историографија обрнува доста големо внимание на Јане Сандански, а сè со цел да го оцрни неговиот лик и дело. Во современата бугарска националистичка „приказна за Јане“, гледаме нарација која изобилува со, што би рекол Димитар Митрев, бестијална необјективност и цинична бескрупулозност. Почнувајќи од Љубомир Милетиќ, па до денешни денови, големобугарската националистичка политика и историска наука блиска до ваквата политика, упорно настојуваат да го деградираат и извалкаат ликот и делото на Сандански и на неговите приврзаници – санданистите.
Осудата на Сандански кај модерниот бугарски ревизионизам и македонскиот врховизам има своја историска подлога во пишувањето на низа приврзаници на десницата во МРО и кај некои историографи од минатото кои биле блиски на оваа идејна провиниенција. Уште Љубомир Милетиќ, во „Спомените“ на Сандански што ги публикувал во 1927 година, запишал: „Затоа не може да нѐ зачудува што и Јане Сандански, кај кого е одразен просечниот менталитет и условниот морал на средината од она време, ни најмалку не знаел за колебање… Во своето отфрлање на секакви обѕири, ги надминува сите други.
И, сепак, до смртта на Гоце Делчев, што умеел помирувачки да делува на неговиот негаторски дух, Сандански до крајот на Илинденското востание очевидно не прави раскин со внатрешната организација. Меѓутоа, по востанието, тој никогаш не го криеше своето разочарување од последната, остро го критикуваше нејзиниот централистички карактер, и се залагаше за преобразба на Организацијата врз ‚подемократска‘ основа“.
(продолжува)
Прочитајте ги и другите делови од фељтонот: Јане Сандански и санданизмот во македонското ослободително дело
ПРВ ДЕЛ: Врховистите ја барале „главата на Сандански“! (1)
ШЕСТИ ДЕЛ: Сандански мета на повеќе атентати (6)