Самобендисани и урнисани експерти

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Лидерката оствари незадоволство и си навлече голем гнев од пензионерите со Одлуката за привременото намалување на посмртната помош од 30 на 25 илјади денари и покачувањето на издвојувањето за солидарен фонд од 120 на 150 денари.

Многупати се чудaм и се прашувам зошто некои ликови по заземањето државни и други високи функции се трансформираат во поинакви homo sapiens типови?! Веднаш по остоличувањето и воображувањето ангажираат свои советници и верни пи-ар послишници и потрчковци?! Туку, ако се размисли добро, има оправдување за ваквите постапки, бидејќи советодавците треба грижно да се грижат за чувањето на угледот и афирмацијата на функционерите?! Сепак, избраните раководители имаат поголема доверба во себе и ретко го користат советодавното обезбедување, па самостојно и самобендисано настапуваат и влетуваат во сопствено обезвреднување?!

Ваквото расудување сум го споделувал со сегашната претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерио на Македонија (СЗПМ) кога бевме во иста „неформална група“ во претходните мандати и посветено се боревме за владеење на правото и правдата во Сојузот. Поради наметнувањето сопствено мислење од тогашниот лидер, таа отворено (и затворено) реагираше и неретко ја цитираше француската изрека „l’état, c’est moi“ (државата, тоа сум јас), со забелешка дека тоа во оваа пензионерска средина нема да може?! Дотичната персона имаше и други „оправдани“ забелешки на работата на преседателот, но не знам што се случи со неа откога се устоличи на истата функција и сѐ што беше изложено на нејзина критика почна да го применува и спроведува во практика?!

Оваа ретроспектива ја правам за да ја потсетам претседателката на вредностите што ги поседуваше или слабостите што ги прикриваше додека не ја дофати функцијата на која, за нејзина среќа и пензионерска несреќа, дојде нелегитимно со разни нарации и махинации?! Тогаш, покрај многуте забелешки за работата на лидерот, никако не можеше да се согласи тој да биде и член на Управниот одбор на Фондот ПИОМ, во кој како едвај да ја дочека новата функција и самата да се предложи и да влезе, верувам за солиден надоместок. Тоа така се случи, бидејќи именуваната во себе согледа вистинска експертска личност и нема што тука да и се забележува?! Оваа, но и други самобендисаности на лидерката ја дотераа до таму што сега не знае како да излезе од овој лакомски безизлез, па преку пензионерското гласило се обиде да ги оправда своите постапки како единствено можни и реални?! Таа на првата страница во мартовскиот број на весникот, вешто сокривајќи ги своите алчности, бесрамно обвинува други „субјекти“ и „жали“ што не може да ги погоди нивните вкусови?!

Поради заштеда на просторот, се откажав да цитирам делови од славоспевот за доброто што го направила претседателката за пензионерите, но селектирав некои нејзини пореални кажувања. На пример, таа успеала да ја сочува традицијата на Сојузот во пандемиски услови со мошне редуцирани активности и селектирани учесници, небаре само ним им припаѓа пензионерската организација?! Од нејзините детални  оправдувања сакам бегло да ги спомнам „успешните“ спортски натпревари, осакатените музички ревии, издавањето книги на блиски поддржувачи, снабдувањето со дрва, реновирањата на простории и други „преголеми“ напрегнувања?! За многуте иницијативи и предлози што се пренесуваа од година во година и да не зборуваме, зашто имав укажувања и набројувања за тие фамозни „остварувања“?!

Бездруго треба да се истакне дека преседателката оствари влијание за промена на методологијата за усогласување на пензиите, чија пак иницијатива и вистинска заслуга е на Партијата на пензионери, ама таа тоа не го признава?! Сепак, лидерката оствари  незадоволство и си навлече голем гнев од пензионерите со Одлуката за привременото намалување на посмртната помош од 30 на 25 илјади денари и покачувањето на издвојувањето за солидарен фонд од 120 на 150 денари.

Додуша, таа се огради од оваа постапка и одговорноста ја префрли врз Одборот на Регистрираната организација за солидарен фонд и членарина (ОРО), кој е самостоен орган и донесува одлуки без нејзино влијание?! Навистина е добро да е така, ама не е така?! Всушност, Одборот на регистрираната организација за солидарен фонд и членарина со години функционира како орган на непостојна таква регистрирана организација, значи ја нема во Централниот регистар на Македонија?! Но, таа улога со „шуч –муч“ работи ја презеде СЗПМ и за преседател го постави потпретсдателот на ИО на Сојузот?! Понатаму се оди како што не треба да оди, за што не сакам, а и не сум надлежен да анализирам и да коментирам?!

Лидерката на СЗПМ немаше да се стави во ваква состојба, ако на последната седница на УО на ФПИОМ прифатеше еден од трите предлози за безболно решавање на недостигот средства за исплата на посмртната помош, ама таа ниту времено не сакаше да се откаже од делот на членарината, која ќе и беше вратена по пополнувањето на дупката во Фондот. Негирајќи ги предлозите за хумано решение на проблемот, таа се заплетка во сопствената мрежа и несвесно почна да ја оправдува сопствената алчност, што ја осудуваше во она поранешно време?!

Претседателката почна да фрла отровни стрели и по Партијата на пензионери и заборави дека таа ја доведе за главна во Сојузот, а сигурно е подготвена да ги негира и тајните средби со лидерот на ПП и со други политички фактори на кои сега „им забранува“ да се мешаат во пензионерската организација?! Почитуваната персона особено стана чувствителна на упатените критики за самоинаугурацијата за член на Управниот одбор на ФПИОМ, сметајќи се за единствен експерт по таа проблематика. И, замислете каква коинциденција или евалуација, исто како и кај претходниот претседател, кој од СЗПМ излезе со титулата експерт за пензионерско организирање, оваа се подготвува (ако и дадат на наредниве избори?!) да излезе како експерт за пензиско и инвалидско осигурување. Така е кога во тристоилјадната пензионерска организација нема подобри и посамобендисани стручњаци од од овие двајца самоинаугурирани и урнисани експерти?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот