САД ја предупредија ЕУ: Фентанилот е насекаде!

Фентанил / Фото : Canadian Press / Shutterstock Editorial / Profimedia

Европската унија мора да се подготви за нагло зголемување на увозот и употребата на синтетичката дрога фентанил, изјави европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон за Политико.

Ова е реакција на предупредувањето на американскиот шеф на дипломатијата Ентони Блинкен дека Европа или се уште не открила проблем со синтетичките дроги или наскоро ќе го открие.

Фентанил е синтетичка дрога која се проценува дека е 50 пати посилна од хероинот и е одговорна за смртта на десетици илјади Американци кои умираат од предозирање секоја година.

На придружниот настан на Генералното собрание на Обединетите нации за заканите по здравјето и безбедноста од синтетичките дроги, американскиот претседател Џо Бајден ги повика сојузниците сериозно да ги сфатат заканите од фентанил, раскажува Јохансон.

„Тоа е проблем што го имате, едноставно сè уште не го знаете или е проблем што ќе го имате наскоро“, и рече Блинкен на комесарката Јохансон во разговор за синтетичките дроги.

Соединетите Држави се обидуваат однапред да ги предупредат своите сојузници „за другите да го немаат истиот проблем што го имаат“, изјави Јохансон за Политико.

Илва Јохансон/ Фото EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Таа додаде дека фентанилот и другите синтетички дроги во моментов не претставуваат главна опасност за Европската унија, имајќи предвид дека канабисот е најпознатата дрога на континентот, а кокаинот е оној чија консумација најмногу се зголемува.

Меѓутоа, во споредба со САД, каде синтетичките дроги се шверцуваат од земји како Мексико, Европа има лабораториски капацитети за производство на синтетички дроги, што многу лесно може да предизвика криза, истакнува Јохансон.

„Капацитетите за производство на фентанил во Европската унија постојат, ние ги имаме“, тврди Јохансон. „Тоа значи, се разбира, дека производството може да започне веднаш штом некој одлучи да започне и одлучи дека има побарувачка.

Во 2021 година во ЕУ биле затворени 434 нелегални лаборатории за производство на синтетички дроги, се наведува во европскиот извештај за дрога од оваа година.

Експертите од Европската агенција за дрога предупредија претходно оваа година дека забраната на Талибанците за одгледување афион во Авганистан може драстично да го намали увозот на хероин во Европа, што, пак, може да доведе до зголемување на синтетичките опијати.

„Мора да бидеме внимателни и подготвени“, предупредува Јохансон. „ЕУ веќе работи на зајакнување на мандатот на својата агенција за лекови, која се занимава и со здравствените и безбедносните аспекти на недозволените дроги, давајќи и многу повеќе овластувања и двојно повеќе ресурси“, рече таа.

Европскиот план за борба против трговијата со дрога што го објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во нејзиниот говор за состојбата на Унијата ќе биде усвоен на крајот на оваа година, потврди Јохансон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот