Рускиот рулет на Вучиќ

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Се наметнува стратегиски најважното прашање: Дали Вучиќ заради „заштита на виталните интереси на земјата“, заради социјалниот мир и задржувањето на власта, ја повлекува Србија од европскиот пат, бидејќи во Европската Унија сигурно нема да седат со скрстени раце и молкум да набљудуваат како Србија им брцнува со прст во око?

Русија уште еднаш покажа колку моќно оружје е гасот за нејзината надворешна политика, па пркосното одбивање на Србија да се придружи на санкциите од Западот, го награди со тригодишен договор, за цена далеку пониска од пазарната.

Останува уште да се види дали згора на тие 2,2 милијарди кубни метри гас ќе бидат обезбедени уште 800.000 што ѝ недостасуваат на Србија, па да може да се слави – иако Унгарија таков договор при крајот на минатата година склучи на 15 години важност, а Молдавија на пет.
Нема сомневања дека ова е добра вест за граѓаните и за државниот буџет, но останува без одговор прашањето со што Александар Вучиќ ќе му се заблагодари на Владимир Путин за „убедливо најповолната цена на гасот во Европа“.

Дали енергетската поволност ќе се плаќа со политички отстапки, бидејќи е докажано дека во Кремљ не седат филантропи, кои, како и српските власти, политиката ја градат врз основа на „историското пријателство“ и на „братските врски“ на двата словенски, православни народи?
На сите им е јасно дека тоа што едната страна ќе го добие, подразбира другата да го изгуби, па затоа се наметнува стратегиски најважното прашање: Дали Вучиќ заради „заштита на виталните интереси на земјата“, заради социјалниот мир и задржувањето на власта, ја повлекува Србија од европскиот пат, бидејќи во Европската Унија сигурно нема да седат со скрстени раце и молкум да посматраат како Србија им брцнува со прст во око?

Актуелната ситуација далеку го надминува гасот, кој на претседателот му е повеќе од добредојден за да претстави како му се приоритет енергетската безбедност и зимската грејна сезона. Би било тоа се секаква пофалба, кога не би постоела онаа геостратегиска димензија: Дали Србија поради гасот се откажува од ЕУ?
Многу работи се непознати. Како Србија ќе го плаќа рускиот гас: во рубли или во долари? Москва веќе ги откажа испораките на Полска, на Бугарија и на Финска, кои одбија за енергенсот да му плаќаат на „Гаспром“ во рубли.

Дали Русите му се заканувале на Вучиќ, бидејќи претходно не пропуштија можност да му дадат до знаење дека е далеку од статусот на фаворит? Зошто Вучиќ пропушти да каже дека со Путин разговарал и за Косово, незгодната тема откако рускиот претседател повлече паралела помеѓу независноста на Косово во 2008 година и самопрогласените независности на народните републики Доњецк и Луханск на истокот на Украина?

Не е познато ни каков одговор спрема за Европската Унија. Првата варијанта, поповолната, е дека Вучиќ успеал да издејствува дека нема да се соочи со драстични казни поради тоа што одбива да се придружи на европските вредности. Можеби ќе има некакви симболични мерки, бидејќи би било сосема нелогично дека Брисел без збор ќе премине преку гасно-политичкото разграничување кон земјата што во овој момент е најомразениот непријател на Западот.

Другата варијанта, без договор на Вучиќ со Европејците, би можела да биде катастрофална за Србија и да ја чини многу поскапо од една студена зима. Отежнување на пристапот до фондови за развој, воведување визен режим, повлекување инвеститори и санкции.

И додека Вучиќ го игра својот руски рулет, власта се труди да прикаже дека ситуацијата не носи никаков ризик, а не дека е егзистенциско коцкање. Дури и рационалните прашања во таа насока ги нарекува „хистерија“.

– Треба да се засрамат сите што ни порачуваат да не воведуваме санкции кон Русија поради аранжманот за гас. Ние не воведуваме санкции за Русија од принцип – се јави за збор премиерката Ана Брнабиќ.

Може премиерката да прикажува за „нервозата, хистеријата и фрустрацијата“ на оние што поставуваат прашања, но нејзиното објаснување е, најблаго речено, да пукнеш од смеа. Барем да се сетеше колку пати претседателот ги поврзуваше санкциите и енергетската зависност од Русија. А, ако е веќе до принципот, нека објасни премиерката зошто Србија се приклучува на санкциите кон Белорусија?

Во незаситената потреба да го заштити својот шеф по секоја цена, премиерката само дава автоголови. Да сум на местото на Вучиќ, веднаш би ѝ ја одзел титулата на дрвен адвокат.

Брнабиќ уште вели и дека Вучиќ се изборил за цена на гас десетпати пониска отколку на светските пазари. Жонглира со бројки што немаат никаква врска со реалноста. Ако цената за 1.000 кубици гас сега е 970 долари, тоа би значело дека Србија досега го купувала гасот за помалку од 100 долари, што нема блага врска со вистината, бидејќи таа повластена цена беше два и пол пати повисока. А и прашање е дали и за време на зимата ќе биде 10 до 12 пати пониска, бидејќи тоа би значело дека Европа за рускиот гас би плаќала по 3.500 долари.

Ситуацијата и понатаму е многу кревка. Вучиќ се сретна со европратеничката Виола фон Крмон. Од „зелената“ Германка го слушна истото тоа што Западот постојано му го порачува во изминатите недели.
– Не е добро да се застане на страната на Путин, односно на погрешната страна на историјата – му порача на претседателот Фон Крамон, потсетувајќи го дека Европската Унија е многу заинтересирана за приближувањето на Србија кон неа, но и дека за тоа треба да реши Србија: „Јасно им порачуваме на нашите европски партнери да бидат во склад со нашите европски мерки, што подразбира и санкции и за тоа разговаравме“.

Доаѓа и еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи, но на Вучиќ ќе му биде полесно со него, бидејќи гостинот пристигнува од земјата на неговиот либерален соборец Виктор Орбан.
Притискаат и Русите. Во Белград можеби наскоро ќе дојде шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, веројатно за да ги пренесе најновите инструкции и очекувања од Москва. А, нив веќе ги дефинираше амбасадорот на Русија во Белград, Боцан Харченко, со пофалбата до Србија поради принципиелното непридржување до санкциите од западните земји кон Русија: „Оваа позиција е цврста и непоколеблива и денес. Нема никакви основи да се помисли дека раководството на Србија би можело да ја промени“.

Три дена подоцна во Белград би требало да пристигне и германскиот канцелар Олаф Шолц. Можеби по таа посета попрецизно ќе дознаеме колку е цената на кубикот политика на српскиот пазар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот