Русија отвора два коридори за бродови во Црното Море, мините најголем проблем

Фото: EPA-EFE/TOLGA BOZOGLU

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека отвора два поморски хуманитарни коридори за излез на странски бродови од пристаништата на Црното и Азовското Море.

Коридорите ќе бидат отворени секој ден од 8 до 19 часот по московско време, изјави шефот на Националниот центар за управување со одбраната, Михаил Мизинцев.

Тој изјави дека во Црното Море ќе се отвори коридор долг 80 милји и широк 3 милји за излез од пристаништата Херсон, Николаев, Черноморск, Очаков, Одеса и југ, во правец на југозапад од територијалното море на Украина, пренесува Интерфакс.

Во Азовското Море ќе биде отворен коридор за поаѓање на бродови од пристаништето Мариупол, долг 115 милји и широк две милји во правец на Црното Море.

Мизинцев напомена дека 70 странски бродови од 16 земји се блокирани во шест пристаништа и тоа во Херсон, Николаев, Черноморск, Очаков, Одеса и Југ. Според него, поради опасноста од украинските мини, бродовите не можат да пловат.

Западните земји тврдат дека руската армија ги блокира украинските пристаништа и дека поради тоа бродовите што превезуваат жито не можат да пловат, додека Москва, пак, наведува дека пристаништата се минирани и дека постои опасност за бродовите.

Вчера запловија пет странски бродови и тоа се смета за добар почеток.

Во меѓувреме заменик министерот за надворешни работи на Русија Андреј Руденко изјави дека решението во оваа точка на проблемот со храната бара сеопфатен пристап, вклучително и укинување на санкциите што беа воведени за рускиот извоз и финансиските трансакции, јави Интерфакс.

– И, исто така, бара деминирање од украинската страна на сите пристаништа каде што се закотвени бродови. Русија е подготвена да го обезбеди потребниот хуманитарен премин, што го прави секој ден“, додаде тој.

Русија е во контакт со Обединетите нации по ова прашање, изјави Руденко, пренесува друга новинска агенција, РИА.

Сепак, Руденко, според Интерфакс, предупредил и дека каква било можна придружба од западни бродови на бродовите во Украина кои превезуваат жито „сериозно ќе ја влоши ситуацијата во Црното Море“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот