Румениге: Би имало смисла Европското првенство да се игра во една земја!

Фото: EPA-EFE/Arne Dedert/POOL

Првиот човек на Баерн, Карл-Хајнц Румениге изјави дека УЕФА има план да го одржи наредното Европско првенствo во само една земја.

Како што е познато, истото требаше да се одржи минатото лето, но поради пандемијата на коронавирусот, тоа беше одложено за јуни 2021 година.

Планот е да се игра во 12 градови во 12 земји низ континентот, но можно е организаторите да го отфрлат тој план и да назначат една земја како домаќин.

– Треба да имаме во предвид дека идејата да се одржи ЕП ширум континентот се појави кога немаше коронавирус. Во тоа време, тоа беше иницијатива на Европската комисија да се одржи континенталниот собир ширум Европа. Сепак, знам дека претседателот на УЕФА Александар Чеферин, кој е многу загрижен поради коронавирусот, зборува околу дека би можело да има повеќе смисла ЕП да се игра само во една земја. Сето тоа би поминало со соодветните хигиенски прописи – рече Румениге за „Минхенер Меркур ТЗ“

Минатата недела УЕФА го искажа својот став дека нема намера уште еднаш да го откаже ЕП, пред сè поради финансиската штета што тоа би го предизвикало.

Сепак, сега е јасно дека идејата за одржување на ЕП од 11 јуни до 11 јули во една земја ќе биде разгледана на следниот состанок. Конечната одлука ќе биде донесена кон средината на март, а се верува дека не може да се обезбеди ниту присуство на публика.

Сите 12 градови изразија желба да организираат натпревари како што е планирано и УЕФА е свесна дека бришењето на одредени од таа група ќе чини милиони евра преку судски спорови.

Минатата недела, претседателот на Швајцарската фудбалска федерација, Доминик Бланк, рече дека целото ЕП треба да се одржи во Русија, Германија или Лондон.

Предвидено е на стадионот „Вембли“ да биде домаќин на полуфиналните мечеви и големото финале.

Други градови домаќини се Глазгов, Даблин, Билбао, Рим, Минхен, Амстердам, Копенхаген, Будимпешта, Букурешт, Баку и Санкт Петербург.

– Во следните неколку недели, УЕФА мора да донесе одлука за тоа како и каде ќе биде турнирот. Нема да биде лесно. Сепак, познавајќи го Чеферин, мислам дека УЕФА ќе донесе правилна одлука, мудро и промислено – додаде Румениге.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот