Рот им порача на властите да создадат услови за уставни измени, за да продолжат преговорите со ЕУ

Михаел Рот/ Фото МИА

Михаел Рот, пратеник од германскиот Бундестаг и претседател на Комисијата за надворешна политика, денеска од Скопје порача дека ЕУ треба да го засили присуството во Северна Македонија, но и дека за да продолжат пристапните преговори со Унијата, мора да се направат уставните измени.

Рот изрази задоволство што е тука повторно, особено како што кажа, во овие тешки времиња кога може да почуствува фрустрација и разочараност од ЕУ.

-Тоа е наша обврска на политичарите од ЕУ и од Германија да ги охрабриме Македонците и Македонките да го направат следниот чекор во правецот на ЕУ и да знаат дека тоа навистина вреди, рече Рот во изјавата за медиумите по средбата кај претседателот на државата Стево Пендаровски.

Германскиот пратеник рече дека земјава вложи многу на патот кон ЕУ и токму сега Унијата има обврска да биде поприсутна во Северна Македонија, да биде повидлива, повеќе да се ангажира, да обезбеди перспектива и повеќе работа за младите, за да знаат дека вреди.

-Затоа е сега многу важно уште еднаш да се предочи и да биде јасно дека ЕУ не претставува само внатрешен пазар и заедница која што има една валута туку дека таа е заедница која има културна и јазична разновидност и дека никој нема право да се меша во културниот идентитет. Ниту еден договор нема да може никогаш да промени нешто од ова основно начело на коешто се базира ЕУ, рече германскиот пратеник Рот.

Изрази надеж дека во македонскиот Парламент ќе можат да се создадат предуслови да се продолжи, како што кажа „ангажирано со пристапните преговори”.

– Знам дека на многумина воопшто не им паѓа лесно кога станува збор за тие уставни промени, но секој треба да си го постави прашањето – не како може јас да и помогнам на мојата партија, туку како може јас да и помогнам и да придонесам за мојата земја, потенцира Рот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот