Романот беше претставен низ разговор помеѓу Александра Јуруковска и авторката Румена Бужаровска

Романот „Тони“ на Румена Бужаровска е книга на месецот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ (ГБСК) во Скопје посветено го одржува континуитетот на кампањата „Читаме современи македонски автори“. Во рамки на четвртиот циклус Книга на месецот во октомври романот „Тони“ на Румена Бужаровска е книга на месецот во ГБСК и заедно со разговорот и клубот на читатели се дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“.

Напишан на жив, остар и современ јазик, во препознатливиот горчлив и истовремено духовит стил на Бужаровска, „Тони“ е роман за машкоста, за градот и за традицијата. Брутално комичен, но и длабоко трагичен, се чита во еден здив. Ова е роман што ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие. Книгата е во издание на Издавачкиот центар „Три“.

Пред присутните читатели во Градската библиотека во Скопје, романот беше претставен на 6 октомври низ разговор помеѓу Александра Јуруковска и авторката Бужаровска, а фрагменти од делото читаше актерот Андреј Серафимовски.

– Среќна сум што „Тони“ го сместивте во вашата кампања „Читаме современи македонски автори“ токму тука во Градската библиотека. Навистина многу ми значи, затоа што сметам дека библиотеката е безбедно место, прибежиште и за нас писателите. Ја следам вашата работа и навистина се радувам како го свртувате вниманието кон нас и нашите дела – истакна Румена Бужаровска, чиј роман „Тони“ е книга на месецот во ГБСК.

Бужаровска е авторка на „Господ, па Америка“ (2024), збирка есеи, како и на студија за хуморот во расказот „За смешното“ (2012). Како книжевна преведувачка од англиски на македонски јазик, превела дела од Џ.М. Куци, Луис Карол, Труман Капоти и Фланери О’Конор.

Коавторка и соорганизаторка е на инцијативата за раскажување женски приказни „ПичПрич“, а е една од трите авторки на феминистичкиот поткаст Радио Милева. Пишува колумни за регионалниот магазин „Велике приче“ и предава американска книжевност и преведување на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 302, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-12.10.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот