Ревизорскиот извештај за малите хидроцентрали го разбуди и Јавното Обвинителство

Мали хидроцентрали/ Фото: Слободен печат/Архива

И Јавното Обвинителство ќе испитува дали во случаите на доделување на концесии за малите хидроцентрали, како и во начинот на кои тие добивале дозволи за експлоатација на водата без да се запазуваат со закон предвидените обврски, има елементи на кривично дело, дознава „Слободен печат“.

Случајот го отвори извештајот на Државниот Завод за ревизија, кој вчера беше објавен и во кој меѓу другото, се гледа дека произведената електрична енергија од МХЕ во 2020 година учествува со 4 % во вкупното домашно производство, а на истите во период од 2012 до 2021 година, им се платени 41 милион евра повеќе во однос на пазарната вредност поради користење на законски предвидените повластени тарифи, со што е оштетен буџетот на државата. Дополнително, дел од сопствениците на малите хидроцентрали не ѝ платиле на државата со закон предвиден надоместок за користење на водата за производство на електрична енергија, во износ од 370 илјади евра.

„Извештајот на Државниот завод за ревизија кој се однесува на експлоатацијата на водни ресурси при производството на електрична енергија е доставен до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. По проучување на наводите, извештајот е даден на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Скопје“, се вели во одговорот кој го добивме од Јавното Обвинителство. „Оформен е предмет, во кој јавен обвинител презема дејствија за проверка на наводите и за испитување на евентуални елементи на кривично дело“.

Претходно, Државната Комисија за спречување на корупцијата најави дека веќе постапува по предмет оформен врз основа на допрен глас од медиум, во кој се изнесени наводи кои се однесуваат на сомнежи за системска корупција при откупот на електрична енергија по повластена тарифа од производители кои ги користат обновливите извори на енергија во што спаѓаат и малите хидро електрани.

Од ДКСК информираат дека собралe обемен материјал од надлежните државни институции во врска со издавањето под концесија на реките за изградба на мали хидроцентрали и во моментот се врши финална вкрстена анализа на сите утврдени факти, а јавна одлука за нив ќе има до крајот на декември или најдоцна почетокот на јануари следната година, стои во одговорот на ДКСК на прашањето дали Комисијата смета дека има основ за сомневање за коруптивни влијанија во врска со наодите на извештајот на државните ревизори за начинот на кој се издавале концесии за малите хидроелектрани и за тоа колку пари заработиле газдите на овие објекти, за сметка на минималниот удел во производството на електрична енергија во државата.

Во државава има околу стотина мали хидроцентрали, кои се изградени или во фаза на градба, главно на мали, чисти планински реки, богати со редок и ендемичен животински и растителен свет, а дел од нив се и во строго заштитени подрачја. Екологистите со години предупредуваат дека овие објекти имаат мал или никаков ефект врз енергетската состојба во земјата, а прават огромни и непоправливи штети на пределите во кои се градат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот