Реконструкција на неколку битолски училишта пред новата учебна година

Фото: Слободен печат

На две недели пред почетокот на новата учебна година, во неколку основни и средни училишта во Битола се изведуваат реконструктивни зафати за подобрување на условите за настава.

Новата учебна година, учениците во Средното општинско училиште „Таки Даскало“ ќе ја започнат во нови, реновирани училници, а наскоро ќе започне и постапката за замена на дотраената внатрешна дрвенарија со нова.

-Во ова средно училиште се врши реконструкција на подот во училниците, во двете училишни згради, комплетно стружење, китирање и лакирање на паркетот, поставување на нови дабови лајсни, замена на дотраениот паркет а вкупната вредност на проектот изнесува 2.394.380 денари. Исто така во ова училиште ќе отпочне и комплетна санација на внатрешните скали во Блок Б во вкупна вредност на проектот од 496.500 денари, а планирано е и уредување на училишниот двор со бекатон плочки во делот на паркинг-просторот за вработените во вкупна површина од 418 м2 и вредност од 330.000 денари. Ќе биде набавен нов училиштен мебел, училишни табли и столчиња во вредност од 300.000 денари, нова компјутерска и друга ИКТ опрема во вредност од 500.000 денари, како и машини и друга опрема која ќе чини 300.000 денари-информираше на прес-конференција градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.

Во основното училиште „Д-р Трифун Пановски“ во завршна фаза е реконструкција на тоалетите и подовите, а вкупната вредност на градежните работи изнесува 1.722.599 денари, средства од буџетот на Општина Битола. Реконструкцијата вклучува замена на ѕидни и подни плочки, замена на водоводна инсталација, поставување на нова канализациска инсталација, замена на врати, ставање на хидроизолација, поставување на нова санитарија и останати зафати.

-Во основното училиште „Елпида Караманди“ се врши реконструкција на тоалети за лица со посебни потреби и замена на кровна подконструкција и кровен покривач на објектот, согласно издаденото решение за реконструкција од Општина Битола. Проектот се реализира врз основа на трипартитниот договор помеѓу училиштето, Општината и Министерството за образование и наука. Со почетокот на оваа учебна година, конечно и основното училиште „Елпида Караманди“, ќе добие дневен престој што беше и барање на родители на повеќе генерации ученици-истакна Коњановски.

Со донација од Кинеската амбасада ќе се постават фотоволтаици во подрачното училиште Даме Груев во с. Долно Оризари, а деновиве Општината Битола ќе започне постапка за јавна набавка за проект за поставување на фотоволтаици на три основни училишта.

-Како локална самоуправа работиме и на зголемување на капацитетите за згрижување на деца во детските градинки. Во тек се активностите за адаптација и реконструкција на дел од поранешниот Дом за доенчиња и мали деца, кој ќе биде наменет за детска градинка каде ќе бидат згрижени 70 деца. Конечно надминати се тешкотиите во врска со проектот за изградба на нова детска градинка во АРМ, така што деновиве ќе започне со работа изведувачот кој треба да ги реши проблемите со дренажата на теренот, по што ќе може да се продолжи со изградба на детската градинка-рече на прес-конференција битолскиот градоначалник Тони Коњановски.

За да се зголеми безбедноста пред сè на учениците, наскоро во Битола ќе бидат поставени смирувачи на сообраќајот на најфреквентната улица „Булевар 1-ви Мај“, пред четирите училишта: Државното средно музичко училиште, Гимназијата „Јосип Броз Тито“, Економското училиште „Јане Сандански“ и Основното училиште „Д-р Трифун Пановски“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот