РЕК „Битола“ целосно подготвен за грејната сезона

Фото: Васка М.Младеновска

Најголемиот производител на електрична енергија во земјата РЕК „Битола“ е целосно подготвен за грејната сезона. Завршени се ремонтите на Блок 1 и Блок 2, и преземени се сите мерки за стабилно производство-информираше на денешната прес-конференција, генералниот директор на РЕК „Битола“ Пеце Матевски.

-Завршени се ремонтите на Блок 1 и Блок 2, тоа значи дека се преземени сите мерки за стабилно производство. Иако производството го реализираме со стари машини, стари системи, сепак ние со сето она што го направивме во летните месеци сме убедени дека ќе имаме стабилно производство на електрична енергија. Состојбата на јаглен на депонијата е на едно завидно ниво, и после повеќе години, грејната сезона РЕК ќе ја отпочне со околу 500 илјади тони јаглен, на главната депонија и на помошните депонии. Вакво ископано количество на јаглен, било само во златните периоди на РЕК „Битола“-рече директорот Матевски.

Фото: Васка М.Младеновска

Тој нагласи дека овие резултати се должат на максималниот ангажман на вработените во РЕК „Битола“ и менаџерскиот тим на Комбинатот.

-Работниците го дадоа максимумот за да имаме стабилно и што поголемо производство на електрична енергија. Моментно имаме откривка на околу 2 милиони тони јаглен, и морам да нагласам дека вработените дадоа максимум за да се постигнат овие резултати. Пуштањето на новиот БТО систем, преместувањето на јагленовиот систем од осум километри, операција што не беше изведена во последните 40 години, потоа разладната кула на Блок 2 каде што старите панели беа заменети со нови панели, всушност ги дадоа овие резултати. Дополнително ги подобруваме и условите за работа на вработените. Во РЕК „Битола“ споредбено со 2021 година за 10 проценти производството е поголемо, а споредбено со минатата година за два проценти, што значи дека до крајот на годината имаме уште да произведуваме-рече директорот Пеце Матевски и додаде дека кон крајот на октомври, ќе бидат пуштени во погон сите три блока на РЕК „Битола“.

-Два милиони тони јаглен е подготвен за експлоатација, додека 500 илјади тони се веќе ископани и се наоѓаат на депониите, но сепак, ќе има увоз на јаглен со висока калорична моќност, заради хомогенизација или мешање, бидејќи јагленот што моментно се ископува е со пониска калорична вредност. Набавките се од соседна Грција и од Албанија-рече на прес-конференцијата првиот човек на РЕК „Битола“, Пеце Матевски.

Од РЕК „Битола“ велат дека потребата ќе го диктира увозот на јаглен. Во зависност од конзумот, така се прави рамката за производство на електрична енергија. Спрема потрошувачката се планира и производството на електрична енергија.

Сите овие производствени резултати се постигнати и во ситуација кога Комбинатот се соочува и со недостиг на квалитетен стручен кадар.

Во моментот РЕК „Битола“ има нешто повеќе од 2.000 вработени. Се чувствува дефицит на кадар, во делот на производството и тука според менаџментот на Комбинатот неопходен е кадар со стручно образование.

Најмногу недостиг има за бравари, заварувачи, електричари и кадар од техничките струки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот