Разговор со сликарката Маја Андонова Јокиќ: Обојте го животот со моменти вредни за паметење

Животот нѐ носи во еден или друг правец, но она што е во нас како повик, порано или подоцна, секогаш го наоѓа својот пат

Изложбата со наслов „Мантра на љубовта“ на Маја Андонова Јокиќ, што на 22 мај, во 20 часот, ќе биде отворена во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје, ќе биде можност да се открие колоритен свет на убавини што ни се на дофат на раката.

Сликарката Маја Андонова Јокиќ е сонувач, вечен оптимист, жена што љуби да ги бои платната, како и животот, со јаки бои и моменти вредни за паметење. Родена е на 4 мај 1980 во Скопје. Има дипломирано на Економскиот факултет во Скопје, а во професионалниот живот балансира помеѓу буџетите и проектите на кои работи и кои придонесуваат за промени во општеството, од една страна, и создавањето уметност на платна, мурали и водење на работилници за деца и возрасни.

Таа е трагач по одговори за човековата душа, вљубеник во јогата, изгрејсонцата, облаците и зајдисонцата. Нејзините слики ги отсликуваат моментите и доживувањата кои нè будат, нè прават ранливи, а во исто време и многу силни. Тие емоции Маја Андонова Јокиќ ги изразува со свој специфичен ликовен израз.

Во галеријата на МКЦ на 22 мај ќе биде отворена изложбата „Мантра на љубовта“. Што е основниот мотив за поставување на изложбата и колку дела ќе содржи?

– Изложбата ќе содржи педесетина дела создадени во период од 2020 до 2023 година. Најголемиот дел од нив се создадени во период кога бевме затворени дома, во карантин, но секој од нас избира дали ќе живее во својот сопствен затвор или ќе ги допре точките на најголемите внатрешни ослободувања. Од оваа перспектива сакам да ги споделам со јавноста сликите од кои буи живот, енергија и верба дека животот е една прекраснотија, која некогаш нѐ крева до најголеми височини, некогаш нѐ лизга надолу, но во секој од тие моменти нашата внатрешна водилка ни кажува дека сѐ е како што треба. Животот е убав.

Мантра на љубовта

Насловот ја разоткрива тематиката на изложбата, но со какви чувства се создадени сликите?

– Во овие слики се прикажани моите лични спиритуални искуства, далечни внатрешни патувања, како и задоволството и радоста од доживувањата на љубовта. Во нив ќе ги најдете боите на изгрејсонцата, синилото на небото, густината на облаците, сјајот на ноќната месечина, леснотијата на постоењето кога сте исполнети со внатрешен мир и љубов.

Помеѓу нашите избори

Низ каков внатрешен процес поминувате од моментот на појава на идејата до финалниот потег на четката врз едно дело?

– Во процесот на сликање ме води внатрешниот порив за изразување на внатрешните состојби, емотивните моменти, оние кои ме поместиле, изместиле и наместиле, било преку средба, разговор, ситуација со одредени лица или преку набљудување на природата со сета нејзина убавина која ни се дава. Набљудувањето на облаците, изгревот на сонцето, течението на реката или морската ширина, залезот на сонцето и останатите убавини кои ни се на дофат на рака, а во ова брзо време на живеење малкумина си дозволуваат да ги отворат очите и да уживаат во тие мали ситни мигови во денот или ноќта, а кои може засекогаш да нѐ наполнат со убавина и да нѐ променат. Внатрешните патувања во себе и со себе што донеле во мене откривање нови животни мудрости на најдобар начин чисто и искрено можам да ги изразам преку боите, четките и енергијата која ме води да го прикажам шаренилото на живеењето. Ги впивам доживувањата во себе и потоа дозволувам да ги изразам чувствата преку боите на платно и да го насликам внатрешниот глас што ги доживеал овие моменти.

Вашите дела се изразено колоритни. Кога боите би имале глас, што би кажале?

– Обојте го денот, обојте го животот со моменти вредни за паметење. Зачекорете длабоко во себе, прифатете ги своите несовршености и дајте си на себе простор за раст, себеспознавање и откривање на најдлабоките тајни. Негувај го убавото во себе, биди љубов, дарувај позитивна мисла, биди подобар човек. Промените во секоја индивидуа влијаат врз промените на севкупноста. Нека промената биде љубов.

Танц на животот

Се сеќавате ли која беше првата инспирација да се занимавате со сликарство и колку љубовта е поврзана со тоа?

– Од кога имам сеќавања за себе, знам дека најлесно се изразував со боички и со креди на скопските улици. Животот нѐ носи во еден или друг правец, но она што е во нас како повик, порано или подоцна, секогаш го наоѓа својот пат. Во 2001 година, кога живеев во Лондон, во тој период на нови лица, улици и едно друго време, повторно се вратив на боите, во тој период сликав на стакло, а откако го родив првото дете од 2007 се вратив на платната и акрилот. Едноставно чувството на слобода, моментот дека сум тука и сега, дозволувам енергијата на универзумот да ме води низ процесот. Љубовта секогаш го наоѓа својот пат, а мене љубов ми е сликањето, радост ми е секое мешање на боите, моментите кога четката ќе ги отслика моите внатрешни димензии, размислувања , впечатоци на тоа што било и визии за тоа што ќе биде. За мене љубов е создавањето, љубов е да се биде тука и сега.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 179, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот