Разговор со Сашо Поповски: Континуиран раст на битолскиот фестивал „Џез фабрика фестивал“

Сашо Поповски, директор на „Џез фабрика фестивал“

Шестото издание на „Џез фабрика фестивал“ ќе се одржи од 13 до 15 април на повеќе локации во Битола, а ќе биде отворено веќе на 8 април со изложба на фотографии од претходните пет години.

Радува фактот што за само пет години битолскиот „Џез фабрика фестивал“ стана бренд што го привлекува вниманието и на домашната и на меѓународната публика. Фестивалот успеа да развие свој програмски концепт во кој се внесени домашните артисти, регионалните и интернационалните музичари, а станува платформа и за размена на идеи и музика.

Зад идејата на фестивалот стои музичарот и џез-гитарист Сашо Поповски, кој паралелно неуморно работи и на својата авторска музика и на развојот на концептот на фестивалот во Битола. Се чини дека „Џез фабрика фестивал“ годинава има најбогата програма, а деталите ги откриваме од Сашо Поповски, директор на фестивалот.

Програмата на шестото издание на „Џез фабрика фестивал“ – Битола ја објавивте пред неколку месеци, а фестивалот ќе се одржи од 13 до 15 април. Со што практично ќе почне фестивалот?

– Фестивалот го отвораме на 8 април со изложбата под наслов „Пет години Џез-фестивал во Битола“ на авторот Даниел Ѓурчиновски, која претставува ретроспектива на изминатите изданија на фестивалот низ фотографии на дел од артистите кои настапиле на „Џез фабрика фестивал“. Истата ќе биде поставена во КИЦ – Битола (Офицерски дом) до 17 април.

Изложбата е поставена во КИЦ – Битола (Офицерски дом)

Програмата на фестивалот е шаренолика со артисти од регионот, Европа и Африка. Со каков концепт го подготвивте шестото издание?

– Горди сме што за првпат имаме едно големо име од светската џез-сцена Баба Сисоко, што го потврдува континуираниот раст на нашиот фестивал. Во главната програма на сцената на НУ Народен театар Битола ќе проследиме по два концерта секоја вечер и тоа во четврток, 13 април, вечер на африкански џез; петок, 14 април, вечер на фјужн џез; и, секако, авангардна џез-вечер во сабота, на 15 април.

Споредната програма предвидува три концерти во соработка со локалната културна сцена во Битола – клубовите „Порта џез“, „Камарите“ и „Бурбон стрит“, како и конференција „RJFB France Balkan Jazz Network“, европски проект под покровителство на Министерството за култура на Франција, во кој сме членови во друштво на џез-фестивалите од Дижон, Шамбери и Нијон од Франција, како и балканските џез-фестивали во Тирана, Подгорица и „Нишвил“ во Србија. По четврти пат ќе ја доделиме наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез-музичар во Македонија за 2022 година во соработка со Општина Битола.

Извонредни музичари се дел од програмата на „Џез фабрика фестивал“ во Битола

Фестивалот расте од издание во издание. На што се должи тоа, на вашата упорност, на потребите на градот или на желбите на публиката?

– Би рекол на сѐ погоре наведеното. Минатата година „Џез фабрика фестивал“ стана дел од годишната програма за култура на Општина Битола, преку реална категоризација во проект од највисок културен и општествен ранг, нешто што, од друга страна, недостига при вреднувањето на фестивалот од страна на Министерството за култура, каде што токму во 2023 година сме рангирани во четврта категорија, што е под секаков минимум кога ќе се погледне програмата, како и обемот на фестивалот.

Секако, Битола има прекрасна и високо едуцирана културна публика и ваквиот тип на проекти директно влијаат во зголемувањето на културната програма во општина Битола.

Самиот сте музичар и со своето трио често настапувате на фестивали низ Европа. Колку тоа Ви помага полесно да воспоставите комуникација со други музичари и групи кои би настапиле на „Џез фабрика фестивал“ во Битола?

– Тоа што сум музичар и активен дел од европската џез-сцена (преку концерти и учество на конференции) е од огромно значење во запознавањето на претставниците и проектите кои ги формираат џез-сцените во различните држави, потоа меѓусебните соработки и креирањето на интернационални проекти помага во селектирањето на програмата, во која, покрај интернационалните артисти, секоја година ги промовираме и најновите џез изданија на македонските џез-музичари.

Сите концерти на фестивалот се снимаат и отпосле се емитуваат на МРТ1. Какво е значењето на тој чин за популаризација на џез-музиката?

– Огромна благодарност до МРТ1 што го препозна „Џез Фабрика фестивал“ во Битола и веќе втора година е наш медиумски партнер преку снимање и емитување на концертите од главната програма на фестивалот. Овој чин има навистина големо значење за популаризација на џез-музиката во Македонија преку зголемување на видливоста и аудиториумот од 440 седишта во НУ Народен театар Битола до преку милион гледачи на ТВ-екраните во земјата и надвор од неа.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 174, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.4.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот