Разговор со поетот Милчо Мисоски, чија поетика ја воспева светлината

Денес поезијата нам ни треба повеќе, отколку што ние нејзе ѝ требаме, вели поетот Милчо Мисоски, кој ја носи идејата за рајот како копнеж по убавината.

Струшкиот поет Милчо Мисоски негува специфичен однос кон зборот и кон јазикот. Иако по професија е примариус доктор со специјализација по микробиологија, неговиот начин на размислување е поетски, а во тој стил ги открива и своите побуди за пишување поезија.

Досега се објавени неговите поетски книги „Чекајќи го ангелот“ (1992), „Записки“ (2013), „Изневерено време“ (2016), „Песочни капки“ (2017), „Стаклени сенки“ (2020). Во 2019 г. излезе од печат второто издание на „Чекајќи го ангелот/ Waiting for the angel“ со превод на англиски јазик во издание на „Антолог“. Со најновиот поетски ракопис „Ефемиди“ ја освои наградата „Караманов 2022“.

Минатата 2022 година беше многу успешна во однос на твојот творечки план. Доби Гран-при на „Литературни искри“ во Гостивар, ја освои наградата „Караманов“ во Радовиш, а учествуваше и на повеќе други поетски фестивали. Во годината кога наполни 50 години живот, како го чувствуваш овој творечки восклик?

– Слободно речено, без размислување – најтешко е да се пишува за себеси. Ова е мало оправдување, или можеби не! Би рекол, некои работи доаѓаат сами по себе. Наградите не те прават подобар писател, но тоа е сигурно една мала сатисфакција, колку и да звучи тривијално!?

Во изминатата година од некои мои пријатели и познајници бев прашан како се добива една награда за поезија. Се разбира, мојот прв одговор беше „не знам“, но сепак, по кратко размислување не можев а да не го дадам следниов одговор – „мислам дека кога ќе се прерасне таа награда, па која и да е таа и како и да се вика“. Јас сум неизмерно благодарен на жири-комисиите што стојат зад доделувањето на книжевните награди за доделената доверба, верувајќи безрезервно во нивната одговорност и компетентност.

Се навршија и 31 години од твојата прва и наградувана стихозбирка „Чекајќи го ангелот“ (1992). Како од денешна дистанца гледаш на твојата прва поетска појава?

– Стихозбирката „Чекајќи го ангелот“ беше прогласена за најдобра збирка поезија од млад автор на конкурсот на Книжевна младина на Македонија во сега далечната 1992 година. „Чекајќи го ангелот“ е осмислена како поетски антипод на „Чекајќи го Годо“ (Семјуел Бекет). Тоа е поетски текст во кој се воздигнува љубовта како највисокиот, најважниот чин на постоењето на човекот. Погледнато од толку голем временски дискурс, сега ми се чини како еден своевиден поетски обид да се одговори на вечните прашања без кои не можеме – вечните прашања на љубовта, верувањето и надежта, сето ова проткаено со оној младешки вознес на тие мои 17-18 години. „Чекајќи го ангелот“ останува моето најмило и, можеби, најдраго поетско четиво.

Првата стихозбирка „Чекајќи го ангелот“ останува неговото најмило поетско четиво

Наградата на 49. Караманови средби ја доби за ракописот на стихозбирката „Ефемиди“. Што содржат твоите најнови поетски изблици?

– Добивањето на книжевната награда „Караманов 2022“ ја доживеав како своевидно поетско откровение. И во оваа пригода изразувам срдечна и огромна благодарност до претседателот и членовите на жири-комисијата, до издавачот и до Советот на минатогодишните 49. Караманови поетски средби. Ефемиди, кажано со јазикот на поезијата, се оние малечки божици што ни ја носат вистината, смислата на љубовта, која е само миг помеѓу молитва и покајание. Ефемиди е поетика што ја воспева светлината. Животот на човекот постои во светлината на неоткриените соништа, жестокоста на живата светлина се размножува во видливото помеѓу сенките создадени од времето. Тие пред нас се претставуваат како зборови – стихови што имаат лечебно дејство, дејство на утеха и поткрепа подигајќи не малку над земјата, над обичноста, носејќи ја во себе пораката на секое писание, пораката на верба во доброто, правдата и вечното. Ефемиди се постојаното трагање на зборовите по вистината, носејќи ја идејата на рајот како копнеж по убавината, носејќи ја идејата дека светот е создаден за да биде радост а не бестијална деструкција во која, за жал, се живее денес.

Врачувањето на наградата „Караманов 2022“ беше проследено со промоција на збирката „Ефемиди“

За поезијата, воопшто, велите дека е „посилна од заборавот, нејзиното вечно помнење ја прави вечна и во просторот и во времето“. Во таков случај каква е одговорноста на поетот при изборот на зборовите?

– Поезијата е само пауза помеѓу зборовите (ха-ха-ха). Душата пишува поезија и тоа е вистината, она кое не смее да се заборави. Таа знае сѐ за нас, таа е невина – да, ги знае сите наши намери, желби, таги и радости. Колку и ова да звучи како клише, таа оди пред нас колку и да не сме свесни за тоа. Пишувањето е одговорност, пред сѐ, кон себеси, кон другите и кон вечното живо битие, а пред сѐ, е љубов и верност кон вистината. Поезијата е како вистината – не може да се препише, како што и животот не може да се препише во својата оригиналност. Одговорноста на еден автор се согледува во верноста на зборот, кој е борба против „ништото“, против непостоењето. Притоа, тој секогаш е свртен кон вистината, создавајќи помнење што ја прави творбата (зборот) вечна. Поетот, споделувајќи ги зборовите, ја споделува својата поезија како саможртва. Ова е сликата на одговорноста на авторот на зборот. Поетот мора да оди пред своето време за да ја објасни смислата на човековото траење (Oliver Friggieri). Влијанието на поезијата денес е премногу незабележливо, но сепак таа е тука до нас и во нас, колку и да е недопирлива. Денес поезијата нам ни треба повеќе, отколку што ние нејзе ѝ требаме.

Одговорноста на еден автор се согледува во верноста на зборот, кој е борба против „ништото“, против непостоењето

Потекнуваш, живееш и работиш во Струга, градот на поезијата и на Струшките вечери на поезијата. Колку тоа има влијание врз твоите поетски инспирации?

– Струга е градот на поезијата, градот на браќата Миладиновци, градот на мостовите… Струга дише со името на поезијата. Кога си во Струга каде и да погледнеш сѐ е поезија. Струга е инспирација во секаква смисла, место каде што живее поезијата, каде таа дише и расте со здивот на светлината и на водата езерска… Струшките вечери на поезијата за еден поет се вечна инспирација, бидејќи поетот таму се пронаоѓа како дел од огромниот свет на поезијата.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 163, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот