Разговор со Михаил Теохаров, менаџер на „Аудиокултура“: Концертни настапи во идеални акустични услови

Личната пасија на креаторите на брендот „Теохаров аудио“ кон музиката и префинетиот звук прерасна во потреба да создадат „дом на квалитетниот звук“, а со менаџерот на „Аудиокултура“, Михаил Теохаров, ги откриваме и програмските определби на ова звучно катче.

Просторот на „Аудиокултура“, сместен во скопската населба Тафталиџе, со текот на времето прерасна во вистински „дом на квалитетниот звук“, каде љубителите на музиката можат своите омилени албуми и автори да ги преслушаат на врвна аудиоопрема, но и да присуствуваат на концерт чија репродукција на звукот е во, речиси, идеални услови за слушање.

Покрај квалитетот на звукот, менаџерот на „Аудиокултура“, Михаил Теохаров, особено внимание посветува и на составувањето на квалитетна концертна понуда.

Почнувате нова серија настапи во „Аудиокултура“. Претходно, некако „инцидентно“ се случуваа промоции и настапи во просторот, а сега веќе неколку месеци наназад составувате месечна програма. Дали тоа значи дека веќе работите на систематично презентирање на новите музички продукти и автори?

– Секоја активност во „Аудиокултура“ е по претходно детално утврдена програма. Впрочем и на официјалното појавување на „Аудиокултура“ му претходеше креирање на долгорочна деловна политика која, преку основните принципи на „Теохаров аудио“, кој е и основач на „Аудиокултура“, ќе инспирира музички и културни промени на долг рок. Фактот што основна дејност на „Теохаров“ е производство на „Hi-End“ аудиоопрема сам по себе говори дека музиката и квалитетниот звук тука имаат врвен приоритет.

Фактот што основна дејност на „Теохаров“ е производство на „Hi-End“ аудиоопрема сам по себе говори дека музиката и квалитетниот звук тука имаат врвен приоритет / Фотографија: Стефан Рајхл

Во моментов се активни два засебни музички проекта за кои имаме креирано годишна програма. Првиот е „Live at Audiokultura“ (лимит за 50 гости), а вториот е „Крај Вардарот сесии“ во „Аудиокултура“. Првиот е проект кој преку настапи во живо на истакнати домашни и странски музичари, на лимитирана бројка од 50 посетители по настан им овозможува директно запознавање со звукот од системите на „Теохаров аудио“, а со самото тоа и сосема поинакво доживување на музиката и квалитетниот звук.

„Крај Вардарот сесии“, пак, е проект кој, освен промоција и презентација на квалитетна музика, има и продукциска цел, односно креирање на врвно квалитетен музички материјал од кој на почетокот на 2024 година ќе биде издаден винил „Најдоброто од ’Крај Вардарот сесии‘ во Аудиокултура“. Креирањето на материјалот за винил е преку настапи во живо на кои се свири музика во издание на „ПМГ Рекордингс“, а во изведба на реномирани, но и млади музичари кои веќе сигурно чекорат кон целта да бидат синоним за творци на квалитетна музика.

Настап на Агни Авшар во „Аудиокултура“ / Фотографија: Стефан Рајхл

На кој начин и со кои критериуми се создава програмата на „Аудиокултура“?

– Изборот на музиката и изведувачите за секој настан го правиме ние како организатори, а критериум се нашите лични преференци. И нè радува фактот што изборот кој го правиме е допадлив за сериозна маса на љубители на музиката и добриот звук, и токму тоа е и еден од критериумите кои ги носи во „Аудиокултура“. Задоволство е да се биде домаќин на посетители кои точно знаат што сакаат, а едновремено ја покажуваат и сета своја широкоумност и со доверба пристапуваат кон уживање во шареноликоста на правците кои непогрешливо во себе носат суштина и квалитет.

Специфика на просторот е што сите музички настани се одвиваат на врвна опрема за репродукција на звукот. Што тоа значи за самите музичари и какви се импресиите на изведувачите што досега настапиле во „Аудиокултура“?

– Фактот што секој кој настапувал во „Аудиокултура“ дели нескриено задоволство и желба да дојде повторно е потврда дека оттука понел позитивни импресии. Репродукцијата на музиката преку висококвалитетна „Hi-End“ аудиоопрема е навистина сосема друга димензија, која никого не остава рамнодушен, најмалку оние вистинските познавачи на музиката и оние со изострено сетило за слух, кои ја имаат таа привилегија да слушаат детално и да разликуваат нијанси. Дополнително, кога на таква опрема се свири во идеални акустични услови, какви што нуди „Аудиокултура“, доживувањата и искуството се навистина уникатни. И за изведувачите и за посетителите.

Настап на Сашо Поповски Трио во „Аудиокултура“ / Фотографија: Стефан Рајхл

Во елегантно дизајнираниот простор на „Аудиокултура“ има можност за 50-тина посетители. Колкав е интересот на публиката за посета на настаните?

– Интересот за посетата на настаните од двата тековни проекти е огромен. Особено значаен и мотивирачки ни е фактот што тој интерес е резултат на тоа што посетителите успеваат да ја видат и соодветно да ја вреднуваат целата низа од специфичности од кои е изграден секој настан. Дополнителна и огромна сатисфакција за нас е и интересот за соработка и поддршка на настаните што го пројавија сериозни македонски компании. Навистина е задоволство да се работи на проекти чија крајна цел за промоција на квалитетна музичка култура е препознаена од релевантни чинители на културата во општеството.

„Винил базар“ во „Аудиокултура“ се одржува секоја прва сабота во месецот

На почетокот од месецот се одржа вториот „Винил базар“ во „Аудиокултура“. Со купување и размена на лонгплејки се занимаваат вистински колекционери на музиката. Дали, можеби, таков програмски фокус има и „Аудиокултура“?

– Да, секоја прва сабота во месецот организираме „Винил базар“ во „Аудиокултура“. Саботата која измина успешно се реализираше вториот по ред. Колекционерството на винили е убава страст која, се разбира, ја имаме и ние но, програмскиот фокус на овој настан е, пред сè, да поттикнеме што поголем број колекционери да се охрабрат да дојдат и да ги покажат своите колекции. Дополнително, отворена е можноста, по претходна најава и договор, на денот на базарот да се слуша музика избрана токму од личните колекции на изложувачите и колекционерите.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 158, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11 декември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот