Разговор со Илија Тирицовски, продуцент во „ОХО продукција“: Младите луѓе се нашата креативна сила

Во краток период „ОХО продукција“ освои две награди на европско ниво за развој на проекти, за ТВ-серијата „Кога паѓаш“ по сценарио на Билјана Црвенковска и за краткиот филм „Скакулци“ на Ханис Багашов, а тоа е доволно силен повод за разговор со продуцентот Илија Тирицовски.

Продукцијата ОХО главно ја препознаваме по проектите „Преспав“ и „5 плус“, но европските награди за други проекти укажуваат дека нејзината продукциска база не само што се зголемува, туку нејзиниот развој и креативност се препознаени надвор од државата. Продуцентот Илија Тирицовски во ОХО работи од 2008 година и директно е вклучен во проектите што ги добија наградите за развој.

Што овие награди значат за продукцијата?

– Двете награди дојдоа во краток рок помеѓу себе сосема случајно, бидејќи зад нив стојат два сосема различни проекти, на кои со Билјана и Ханис работиме паралелно подолго време. Наградите за развој на проекти се од големо значење за авторите, за нас како продукција, но и за македонската филмска и телевизиска продукција генерално, бидејќи нè дефинираат на мапата како индустрија којашто несомнено може да креира современи ТВ и филмски продукти рамо до рамо со европските. Овој вид награди даваат сигурност дека, од една страна, проектот како основа има одлично сценарио на авторот, но и дека продукцијата го има капацитетот за успешна реализација, што е, пак, своевиден сигнал и покана за копродуцентите кои бaраат интересни и свежи интернационални продукти за соработка. За нас ваква соработка со нови европски студија би значело нови предизвици за подигнување на нивото на квалитетот на продукцијата, што отсекогаш било наша стратешка определба.

Процесот на продукција е како жива материја и постојано сте во потрага по инспирација, творење, препознавање и развивање на нови идеи

Каков ангажман на продукцијата повлекуваат наградите? Колку чекори има до финалната реализација на проектите?

– Би сакал да споменам дека и „Script Pool Tallinn“ и „European Short Pitch“ се етаблирани долгогодишни платформи за развој на ТВ-серии, односно кратки филмови. Самото тоа што нашите проекти беа примени за учество во конкуренција на повеќе од 150 апликации е голем успех и индикатор за потенцијалот на проектите. Притоа, секој од избраните проекти учествува на индивидуални сесии со искусни професионалци од соодветната индустрија, на кои проектот добива конкретни, конструктивни насоки за подобрување на сценариото, форматот, продукцијата итн. Ваквите интеракции со професионалци се од големо значење за понатамошниот развој на овие, но и на некои идни проекти.

Од продукциска гледна точка, двата проекта се на самиот почеток. Но, од друга страна, ваквата отвореност на проектите кон индустријата нѐ прави интересни за потенцијални партнери за продукција и поширока дистрибуција на проектите. Во таа насока, со краткиот филм „Скакулци“ на Ханис Багашов веќе имаме копродуцент од Франција, со кого периодов што следува ќе работиме на обезбедување на средства за продукција, а за ТВ-серијата „Кога паѓаш“ на Билjана Црвенковска влегуваме во комуникација за копродукција со заинтересирани продукции од Германија. Ова за нас е само уште еден индикатор дека и сериите и кратките филмови заслужуваат многу посилна институционална поддршка, особено во процесот на развој.

Практично на колку проекти и фронтови работите во „ОХО“ во овој период?

– ТВ-сериите „Преспав“ (5 сезони) и „5 Плус“ на македонски и на албански јазик (6 сезони) се проекти по кои нè препознаваат. Двата проекта се во завршна фаза и публиката нетрпеливо ја очекува нивната премиера. Изминатите години, овие две серии предизвикаа зголемен интерес за продукција на ТВ-серии на домашниот медиумски простор и ја вратија довербата на публиката, која е жедна за добри македонски продукти. Покрај нив постојано работиме на развој на други ТВ и филмски проекти, кои се во различни фази на развој. Меѓу нив имаме неколку кратки играни и документарни филмови, три нови серии, но работиме и на развој на долгометражен филм.

Процесот на продукција е како жива материја и постојано сте во потрага по инспирација, творење, препознавање и развивање на нови идеи. Токму преку таквиот сериозен досегашен ангажман на целиот тим на „ОХО“, на чело со Пеце Талески, од минатата година веќе имаме и регионална дистрибуција на „Преспав“. Сето ова придонесува да остваруваме многу повеќе контакти и соработки од што произлегуваат нови и нови проекти.

Филмската екипа на документарецот „Сите ќе умреме“ на премиерата на „Македокс“

Летоска, на „Македокс“ се случи премиерата на документарниот филм „Сите ќе умреме“ на Сашко Потер Мицевски. Со какви искуства се стекнавте при продуцирањето на филмот?

– Работата на еден ваков креативен документарен краток филм беше големо искуство за сите нас. Тоа е отворен процес, се поаѓа од една идеја, која созрева и се развива во еден подолг период, а авторот и продукцијата се неми набљудувачи на реалниот живот на протагонистите без да влијаат врз нив. Во меѓувреме се развиваат посебни односи, се отвораат повеќе можности за заокружување на филмската приказна, но секогаш останува отворено прашањето „Дали е ова крајот на приказната?“.

Потребни се пасија, ентузијазам, многу трпение, флексибилност и посветеност поради својата непредвидлива природа. Сметам дека на филмот „Сите ќе умреме“ со Сашко успеавме да ја постигнеме оваа магија и благодарение на тоа привлековме професионални соработници од Велика Британија, кои дадоа своја креативна поддршка на филмот.

Карактеристика на „ОХО“ е што главно продуцира проекти за млади, а продукциската и логистичката подлога е создадена, исто така, од млади луѓе. Со каков и колкав тим работите при продуцирањето на одреден проект?

– „ОХО“ почна со продукција на детска телевизиска содржина во време кога таа недостигаше. Низ годините стратешки инвестиравме во откривање и развој на млади кадри, кои работејќи со нас стекнуваат драгоцено искуство со кое успеваат да се изградат и да ги реализираат своите креативни замисли. Има мнение дека кај нас постои хроничен недостаток на сценаристи, режисери, автори, меѓутоа ние интензивно работевме и сè уште работиме на надминување на тој недостаток и веруваме дека изградивме капацитети благодарение на кои денеска имаме солидна платформа за нови проекти наменети за разновидна ТВ и филмска публика. Отворени сме за соработка со сите автори што имаат силна желба и креативен потенцијал да се покажат, а најчесто тоа се младите.

Секој проект на кој работиме има своја сопствена структура и тим што работи во различни фази. Сметам дека изборот и комбинацијата на вистински соработници со различно искуство за соодветни проекти ни дава одлични резултати. Понекогаш не е толку важен бројот на луѓе вклучени во проектот, туку нивната мотивација и желба да го дадат својот креативен максимум, а тоа да биде препознаено и наградено од публиката. Младите луѓе се нашата креативна сила. Не треба да ги потценуваме нивните идеи, напротив им треба силна поддршка од сите нас, бидејќи се посвесни и поблиски до новото време и технологијата со која располагаме.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 60, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот