Разговор со Ема Попивода, пијанистка: Да се работи лично со композиторот е непроценливо богатство за изведувачот

Дванаесет ноктурна од опусите 49 и 52 на македонскиот композитор Димитрије Бужаровски се објавени на новиот албум на пијанистката Ема Попивода. Таа е доктор на музички науки, професор по пијано на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и активен концертен изведувач со многубројни настапи низ Европа, САД и Азија. Родена во музичко семејство, Попивода од рана возраст покажува интерес, талент и страст кон музичката уметност. Со текот на годините го усовршува својот стил, а постигнува и меѓународен успех со своите настапи. Карактеристично за нејзините концерти, покрај свирењето на класичниот репертоар, е што често изведува современи композитори, а во последно време е посветена и на композиции базирани на македонската традиционална музика.

Композиции базирани на македонски фолклорни песни сместени во опусите 49 и 52 на композиторот Димитрије Бужаровски содржи Вашиот нов албум. Кога и како беше создадено изданието?

– Албумот го снимив во јуни 2020 година во Музејот на македонската борба. Овие ноктурна веќе долго време се дел од мојот изведувачки репертоар. По сите концерти имав многу прашања и побарувања за тоа каде може да се најде запис од оваа музика. Периодот на карантин го искористив за да се посветам на нивната финална подготовка и конечно да го реализирам снимањето. Аудиоснимањето, миксот и мастерингот се на Анѓел Ќосев, додека продуцент на цедето е Давор Попивода. Цедето беше испечатено и излезе во продажба во јануари годинава, а заинтересираните може да го најдат и во онлајн верзија.

Основната мисла за да се создаде цедето беше да се остави запис со македонска музика, кој ќе биде вистинска разгледница за македонската култура, фолклор и уметност

Што беше пресудно за изборот на „Ноктурната“, или „Вечеринките“, на Бужаровски како содржина на албумот?

– „Ноктурната“ на Бужаровски имав можност да ги свирам во навистина многу градови низ Македонија, но и во Токио, Њујорк, Лондон, Рим, Брисел, Будимпешта, Белград, Гдањск, Перуџа. Секогаш со воодушевување биле прифатени од публиката. Од друга страна, овие композиции беа и вистински предизвик за мене, не само поради фактот што народните македонски теми кај мене предизвикуваат прекрасни чувства и емоции, туку и поради предизвикот да се интерпретираат комплексните пијанистички фактури во стилот на Шопен и Лист напишани од композиторот. Основната мисла за да се создаде цедето беше да се остави запис со македонска музика, кој ќе биде вистинска разгледница за македонската култура, фолклор и уметност.

Во мојата кариера токму концертите со македонска музика ми го отворија патот кон светските сцени

Каков беше вашиот пристап во пијано изведбата на композициите, имајќи предвид дека станува збор за македонска музика од македонски композитор?

– Имав навистина голема обврска да ја подготвам изведбата и да ја доловам во најдобро можно светло, не само од технички аспект, туку и во делот на музичката, стилската и уметничката изведба. Темите на македонските народни песни се навистина многу познати во Македонија и пошироко на Балканот. Тоа ми наметна голема задача во изведбата да успеам да го доловам нивното проткајување низ композициите, а да не се наруши нивната изворна форма. Голема благодарност изразувам до професорот Бужаровски, од кого добив голема помош при спремањето и кој ми даде одлични насоки за работа. Да се работи лично со композиторот е непроценливо богатство за изведувачот.

Изведбата на „Зајди, зајди“ стана дел од културната дипломатија, а со композицијата „Дали паметиш Милице“ веќе добивте награда на Град Токио заедно со јапонската пијанистка Асами Сате. Колку овие факти ги потврдуваат универзалните пораки на музиката?

– Музиката е дефинитивно јазикот на светот и има огромна моќ. Во мојата кариера токму концертите со македонска музика ми го отворија патот кон светските сцени. Тоа говори дека нашата музика е единствена, уникатна, прекрасна и луѓето со задоволство сакаат да ја слушаат насекаде. Музиката, како дел од културата, е идентитетот на еден народ. Затоа треба да ја почитуваме и негуваме.

Пијанистките Асами Сате и Ема Попивода

Вашиот претходен проект „Акустик електроник“ содржеше пијано изведби на познати нумери од „Орбитал“, „Крафтверк“, „Њу ордер“ и други, а минатата година изведовте композиции од „Битлси“. Планирате ли следни проекти во тој правец?

– Во план и подготовка се два нови концертни проекти. Со едниот концерт би сакала да се вратам кон изведбата на класика, но со дела од класичната современа литература – Ерик Сати и Филип Глас. Другиот проект, кој подолго време го спремам, е со авторска музика заедно со ДЈ Егоритмија. Во план е изведба на еден грандиозен проект со електронска музика, кој се надевам дека во текот на оваа година ќе има услови да се реализира. Но, не би открила повеќе детали, со желба да биде вистинско освежување за публиката кога културната сцена по пандемијата ќе се врати во својот полн сјај.

Фестивалот „Модоарс“ успеавте да го одржите и во пандемиската 2020 година. Какви се плановите за оваа 2021 година?

– Иако во навистина отежнати услови и со ограничен буџет, фестивалот „Модоарс“ успешно реализираше неколку концерти во своето издание за 2020 година. Во ова свое издание вклучи само македонски изведувачи. Покрај сите тешкотии при организацијата поради ковид-мерките за одржување концерт, можам да кажам дека успеавме успешно да го реализираме изданието. Во 2021 година следуваат концерти на пијанистот Алесандро Вена од Италија, кој премиерно ќе ги изведува сите етиди од Филип Глас. Понатаму ќе гостува и пијанистката Мелани Пеоска од Хрватска, која ќе одржи концерт со авторска музика, а ќе гостува и џез-триото на Сара Јович од Црна Гора. Пијанистките од мојата класа по пијано при УГД „Гоце Делчев“ – Штип ќе одржат и концерт за деца со музика за пијано и трака со визуелни ефекти. Во подготовка е навистина интересно издание со одлични гости. Искрено се надевам дека на публиката ќе ѝ претставиме несекојдневни уметнички настани во кои вистински ќе уживаат.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 70, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 февруари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот