Разгледниците од летниот одмор

кица колбе
Кица Колбе. / Фото: Архива на Слободен печат

Пишувањето пораки во мобилен телефон, но и пишувањето во лаптоп, прави сè помалку да пишуваме со ракопис. А знаеме дека децата, учениците нема никогаш да се стекнат со убав ракопис доколку немаат често можност да го вежбаат во практика. Токму затоа во училиштата на часовите по мајчин јазик би требало да има барем еден час за културата на пишување писма и разгледници.

Да се суредува библиотеката одвреме-навреме, бришејќи ја секоја книга од прашината, не е омилена навика ниту кај најголемите библиофили. Меѓутоа кога ќе морате да ги поместите регалите со книги, сакале-не сакале, ќе мора да го сторите тоа. А кога ќе почнете да ја бришете секоја книга, тогаш и ќе ја разлистате. Кај некоја книга ќе направите пауза во бришењето, па ќе седнете и ќе почнете да ја читате. Кај друга ненадејно ќе се сетите каде и кога сте ја купиле и дали сте ја прочитале само еднаш или неколкупати.

Тоа ќе го препознаете и по отпечатоците од прстите врз кориците. И, одеднаш, сознавате дека книгите навистина во себе го конзервираат времето во кое сте ги читале, како што веруваше Марсел Пруст, кога велеше дека од страниците на книгите ви долетува мирисот на морето и блесокот на сонцето од тоа време. Уште еднаш бев уверена во вистинитоста на луцидните доживувања на Пруст кога пролетва, листајќи во книгите што ги бришев, меѓу нивните страници најдов стари писма и разгледници од летниот одмор, кои ми ги беа испратиле многу драги луѓе.

Веднаш се сетив на нив, а потоа си помислив колку беше убаво времето кога дознававме за одморот на пријателите од нив самите (откако ќе се вратеа) или од нивните разгледници. Тие стигнуваа пред нивното враќање од одморот само кога тој беше доволно долг или местото каде што летуваа не беше во странство. Така суредувањето на библиотеката и бришењето на книгите неочекувано станува чудесно враќање на заминатото време, што е јасен „прустовски“ ритуал.

Магијата на разгледниците

Колку многу нешта ни откриваат разгледниците, сознав кога почнав да ги читам тие што, од различни причини, сум ги положувала во книгата што сум ја читала во тој миг. Така разгледницата сум можела да ја ползувам како знак за страницата на која сум застанала, но и да ја препрочитам пораката, секогаш кога ќе продолжам да читам. Освен тоа, датумот на разгледницата ми го повикуваше времето во кое сум ја читала книгата со сите настани и случувања.

Притоа забележав дека често сум сочувала разгледници што беа од многу убави предели, како разгледницата од Капри од една пријателка која, знаејќи дека сликам, беше избрала разгледница како совршен мотив за акварел. Не сите мои пријатели ја имаа дарбата на совршени пишувачи на разгледници и писма. Меѓутоа за неколку од нив испраќањето пошта од местото во кое летуваат беше вистински ритуал. Една пријателка, чие хоби е фотографијата, ми испраќаше уникатни разгледници кои, всушност, беа нејзините фотографии, залепени на убав картон. Така поздравот од летниот одмор стануваше многу личен.

Разгледниците, како и новогодишните честитки, особено оние од роднините во Америка, за мене уште од дете имаа особена магија. Моите егејски роднини ни испраќаа од пристаништето од кое заминуваа во Австралија прва и последна разгледница од европското копно – од пристаништето во Ѓенова. На разгледницата беше бродот што ги носеше преку океанот. А јас потоа од тие разгледници учев да сликам море со водени боици. Секако, овие разгледници не будеа во мене радост и восхит, затоа што насетував дека тие роднини нема да се вратат од долгото патување, бидејќи возрасните ги читаа со солзи.

Сосем поинаку ги доживував морето и бродовите на првите разгледници од роднините кои беа на одмор на хрватското крајбрежје. На нив морето сугерираше животна радост, слобода и безгранична фантазија. Бидејќи летниот одмор е секогаш време вон секојдневното време. Тој е долго очекуван, долго посакуван сон, особено за децата. Затоа што летниот одмор не е дел од работното секојдневие. Одморот на море, на планина, на село, па дури и кога е само престој кај роднини во друг град или во друга земја, е секогаш подарок. Летниот одмор е време во кое сме слободни од должности и задачи. Единствената задача на одморот е – да се одмориме од сите задачи! Во работата, во училиштето.

Разгледница не е исто со СМС-порака

Можеби затоа пишувањето и праќањето разгледници не е многу загрозено од модерната технологија. Во интернетот може да најдете совети и готови формулации како да ја напишете најубавата разгледница од одморот, како што веќе има и понуди за „онлајн разгледници“. Пред неколку години, еден германски универзитет во посебен проект ги проучуваше разгледниците од одмор од 1920 до денес, при што стана јасно дека испраќањето разгледници останува и понатаму омилена навика, иако, можеби, текстот во нив со време станува сè пократок.

Поранешните разгледници, особено оние од првата половина на дваесеттиот век, биле вистински долги писма, споредено со кусите пораки во денешната пошта од одморот. И покрај многубројните онлајн платформи за брза комуникација, луѓето сè уште сакаат да добиваат и да испраќаат разгледници од одморот. Магијата на летото, на сонцето, на морето, на уживањето во мигот, луѓето отсекогаш ја поврзуваат со летниот одмор. Секогаш кога ќе добиеме разгледница, во нашето секојдневие за миг долетува топлиот јужен ветер, кој дува крај морскиот брег на кој и самите некогаш сме летувале. И за миг се чувствуваме слободни како птица и почнуваме да сонуваме за нашиот следен одмор, независно дали тоа навистина ќе го сториме. Разгледниците од одморот ја брануваат нашата фантазија, а тоа е доволно барем за миг да се почувствуваме среќни.

Освен тоа, кога ќе добиеме разгледница или писмо од пријателите што се на одмор, тоа е скапоцен подарок, кој сведочи дека му значиме на тој што ни ја испратил. Во таа смисла, пишувањето разгледници е и дарба за неповторливо обликување на меѓучовечките односи. Пораката испратена онлајн не бара толку внимание и толку време, како разгледницата. Пораката во WhatsApp нема „тежина“, како што нема ниту мирис ниту површина која би можеле да ја допреме. Ние во неа не го препознаваме личниот белег на испраќачот – неговиот ракопис.

А ракописот е човекот! Во него можеме да разгатнеме во каква состојба ја пишувал пораката, набрзина или „натенане“, во спокој, со внимание за обликот на секој збор. Такви се разгледниците и писмата од одморот на една моја германска пријателка. Тие не само што се секогаш напишани со совршен ракопис, а кога се писма, на прекрасна хартија во боја, на која таа, пензионираната учителка, уште пишува со пенкало со мастило. Таа секое писмо и разгледница го илустрира со малечки цртежи.

Ваквата дарба за пишување писма и разгледници ја поседуваат само малкумина. Сепак, тие ни покажуваат колку е значајно барем ние, бабите и дедовците, да им испраќаме такви магични, инспиративни, оригинални разгледници и писма на нашите внуци. За да ја почувствуваат магијата на пишувањето писма, на нивното обликување со многу личен печат. Имено, пишувањето пораки во мобилен телефон, но и пишувањето во лаптоп, прави сè помалку да пишуваме со ракопис. А знаеме дека децата, учениците нема никогаш да се стекнат со убав ракопис доколку немаат често можност да го вежбаат во пракса. Токму затоа во училиштата на часовите по мајчин јазик би требало да има барем еден час за културата на пишување писма и разгледници. Тоа е од големо значење токму денес, во ерата на мобилната комуникација и на СМС-пораките.

(Авторката е писателка)

Преземено од Дојче Веле

[sc name=”dw” ][/sc]

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот