Расфрлањето ѓубре на Водно никако да запре

Фото: Фејсбук

Од надлежните институции велат дека од постојано работат на одржување на хигиената на Водно, но за жал, несовесните граѓани и понатаму ја загадуваат околината притоа не водејќи грижа за природата.

Расфрлани пластични шишиња, остатоци од храна, хартија околу кантите за отпад или во должина на пешачките патеки, искршени гранки, уништено зеленило… Ова е сликата што честопати може да се забележи доколку шетате на Водно, единствена дестинација каде скопјани, кои живеат во еден од најзагадените градови во светот, можат за малку пари, да уживаат во убавата природа и чистиот воздух.

Иако Водно во овој период од годината е помалку посетено во споредба со периодот од годината кога времето е топло, сепак негрижата кон природата е забележлива и сега.

За жал, дел од граѓаните кои шетаат низ Водно, по оброците во природа ѓубрето го оставаат расфрлано насекаде. Многу често се случува и да се уништуваат поставените реквизити, притоа одземајќи им ја можноста за забава на најмладите.

Во обид да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога е најпосетено Водно, Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ воведоа зонско паркирање на паркиралиштата на Средно Водно. Според добиените СМС-пораки со кои граѓаните ја платиле услугата за паркирање, само викендов можноста да ги остават своите возила на паркингот на Средно Водно ја искористиле нешто помалку од 400 граѓани.

Од надлежните институции велат дека постојано работат на одржување на хигиената на Водно, но, за жал, несовесните граѓани и понатаму ја загадуваат околината притоа не водејќи грижа за природата.

– Град Скопје редовно се грижи за комуналната хигиена и чистота на Водно и на другите излетнички места, особено во делот на пешачките патеки, фреквентните места од посетители – Средно Водно, Видиковец, врвот на Водно. Сепак, голем број локации многу често и брзо се полнат со отпад од страна на несовесни граѓани. Градот Скопје ќе продолжи со континуирано чистење на Водно и истовремено апелираме до граѓаните, при посетата Водно но и на другите излетнички места, како и на градските паркови, да го чуваат зеленилото, да се придржуваат на комуналниот ред,  да не фрлаат отпад и да не ја оштетуваат поставената урбана опрема – велат од Град Скопје.

Од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека одржувањето на хигиената во парк-шумата Водно како и на трим-патеките, не е во нивна надлежност.       

– Нашите екипи се надлежни само за празнење на контејнерите поставени на паркингот на Средно Водно и за празнење на корпите за ситни отпадоци поставени на Милениумскиот крст – објаснуваат од ова јавно претпријатие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот