
Рама призна дека Албанија шверцувала вакцини против ковид од Италија
Албанскиот премиер Еди Рама го коментираше откритието што предизвика сензација и во Италија и во Албанија, дека земјата „шверцувала“ вакцини за коронавирусот со соработка на италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо и тајните служби на двете земји. Рама ги призна ваквите наводи кои се појавија во медиумите.
Препорачано
Одговорот на Рама беше даден за време на конференцијата во градот Бергамо кога премиерот на Албанија се осврна на првите месеци од пандемијата и кога започна испораката на првите вакцини „Фајзер“, пренесува Скај.
„Во тоа време немавме вакцини и притисокот беше голем. Луѓето се плашеа дека ќе умрат како риба надвор од вода. Тогаш му реков на Ди Мајо: Можеш ли да ни дадеш симболичен број за да почнеме да ги вакцинираме лекарите и медицинските сестри?“ – изјави Рама.
„Првиот одговор беше негативен бидејќи „Фајзер“ имаше многу империјалистички и капиталистички договор: јас ти ги давам, но не можеш да ги дадеш на друго место.“, продолжи премиерот на Албанија.
„Тогаш Луиџи ми рече „сериозно е, не можеме да го направиме затоа што правиме нешто погрешно“. Но, тоа го направивме со операција на тајните служби“, додаде Еди Рама.
Рама објасни дека, сепак, има уште еден проблем бидејќи вакцините не може да останат скриени, туку мора да им се дадат на луѓето.
Тој дури се присети на средбата што ја имал со адвокатите на „Фајзер“ на која го прашале од каде ги добива дозите за Албанија.
„Од пријателска земја, одговорив, но тие инсистираа да им кажам од која земја или во спротивно ќе поднесеме тужба. Тогаш им реков „од Наполитанците научивме дека никогаш, никогаш, никогаш не треба да ги предадете вашите пријатели на полиција и затоа не го изневерив овој мој пријател“ објасни Рама.
Обраќајќи му се, конечно, на Луиџи Ди Мајо, Еди Рама заклучи: „Сега можеме да им кажеме на сите. Сега ќе ти пишуваат документите дека си шверцер. Ти си слободен човек Луиџи“