Рама ги исмеа обвинувањата дека е поврзан со мексикански картели

Еди Рама на прес конференција во Брисел/Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Албанскиот премиер Еди Рама во врска со веста што ја објавија мексиканските медиуми за поврзаноста на картелот „Синалоа” со Албанија рече дека „не познава никаков картел” и дека тоа го „искенираат луѓе со штетни намери”.

На новинарско прашање која е поврзаноста со споменатиот картел и браќата Хаса кои се фотографирани како пред две години излегуваат од неговиот кабинет, тој вели дека медиумите насекаде пренесуваат и вистини и лаги.

– Прво, мислам дека нема некоја голема разлика меѓу мексиканските медиуми за кои станува збор и вашите медиуми, на пример. Мислам дека е исто, што значи дека може да се кажуваат вистини, но и лаги, не знам како се прави ова без никакво истражување, без никаква верификација. Навистина е болно и одвратно, но јас сум прилично немоќен да направам што било освен да ја ставам мојата моќ на располагање на вистината и фактите, рече Рама.

Албанските медиуми пренесуваат информација од мексиканските медиуми под наслов „Туризмот во Албанија се развива со црни пари од нарко картелот ‘Синалоа” на Ел Чапо”.

– Овој картел се чини дека пере пари во Албанија и во бизниси, недвижности и туристичкиот сектор. Шефот на фракција на картелот „Синалоа”, Исмаел Замбада Гарсија, познат по прекарот „Ел Мајо” склучил сојуз со албанската мафија, наведуваат мексиканските медиуми.

Според нив, „Ел Мајо” има свои врски со браќата Луфтар, Арбен, Фатос и Рамиз Хиса, кои се дел од албанска криминална група.

– Тие поседуваат мрежа на казина и бизниси во Сонора, Долна Калифорнија и Квинтана Ру во кои перат милиони долари од организираниот криминал. Покрај тоа, инвестираат големи суми пари во Албанија за инвестиции насочени кон коцкарски активности и во областа на туризмот, стои во написот што го пренесуваат албанските медиуми.

Според мексиканските федерални власти, браќата Албанци во име на картелот „Синалоа” спроведуваат операција за префрлање милиони долари во нивната земја преку фиктивни фирми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот