Радиото беше и остана посебен медиум

Марти Ивановски при подготовка на својата радиоемисија

Убав јубилеј ќе прослави Марти Ивановски на 15 март годинава, кога ќе се навршат 30 години од почетокот на емитувањето на радиоемисијата „Lite Jazz“.

Првата средба и заедничка соработка со Марти Ивановски ја имавме во 1991 година, кога двајцата бевме членови на екипата на тогашното Студентско радио. Подоцна патиштата ни се раздвоија, но неодамна тој навистина ме изненади со фактот што успеал една радиоемисија да ја одржи цели 30 години во етерот.

– Иако како концепт, емисијата одеше уште во 1991 година на Студентско радио, сепак, првата емисија „Lite Jazz“ е емитувана на 15 март 1993 година на Радио Уно (104 MHz, а подоцна на 103.40 MHz). Остана на истата фреквенција сѐ до затворањето на радиото (мислам 1999 година). Потоа се префрли на фреквенцијата на Канал 77, сѐ до отворањето на „Клуб ФМ“ (кој ја презема фреквенцијата од Радио Уно). Последните 15 години е на истата фреквенција 103.40 MHz. Уште од првата емисија, терминот на емитување е истиот, во понеделник 22-24 часот, и репризно во четврток 22-24 и во недела 16-18 часот – открива Ивановски.

За Марти не би можеле да кажеме дека е класичен радиоводител, бидејќи за живот заработува со сосема друга професија. Тоа што останало исто кај него се фантастичните страст и пасија кон музиката, како и истрајноста да ја одржи емисијата која е препознатлива по неговиот специфичен музички вкус.

– Интересно е што на почетокот форматот „Smooth Jazz“ не беше воопшто познат на овие простори, но слушателите многу брзо го прифатија поради неговата слушливост. „Smooth Jazz“ како музички стил е фузија на различни стилови, како џез, соул, фанк и R&B. Тој „полиран“ звук во кој доминира фанк-ритамот, соул елементите и повремените џез-импровизации, го прави привлечен и за оние слушатели за кои класичниот џез е „комплициран“. На крајот од 70-те години на минатиот век, овој стил беше многу поблизок до меинстрим џезот. Негови предводници беа Џорџ Бенсон (George Benson) со „Breezin“ во 1976, Чак Манџоне (Chuck Mangione) со „Feel So Good“ во 1978, а истата година се појави и Боби Колдвел (Bobby Caldwell) со „What You Won’t Do for Love“. Во 1980-та се појавува албумот на Грувер Вашингтон Џр. (Grover Washington Jr.), на кој ќе се најде големиот хит „Just The Two of Us“, отпеан од Бил Витерс (Bill Withers). Комерцијалниот успех на овој стил започнува со појавувањето на абумот „Duotones“ на Кени Џи (Kenny G), кој на крајот од 1986 година се искачува на четвртото место на „Билборд Топ 100“ и се продава во мултимилионски тираж. Во тој период се појавуваат и Шаде и Анита Бејкер, искачувајќи се високо на специјализираните топ-листи, дополнително популаризирајќи го овој стил – објасни Ивановски.

Новите технологии донесоа сосема друг пристап кон музиката. Иако винилните „лонгплејки“ повторно се враќаат во мода, сепак многу мал број музички колекционери ја задржаа истата страст. И кај Марти има извесни промени, но страста кон музиката и посветеноста на емисијата останале исти.

– Денес музиката е широко достапна на разни интернет-платформи и нејзиното преслушување е навистина едноставно, но се изгуби радоста на откривањето нови имиња, купувањето винили и компакт-дискови. На својот почеток, „Lite Jazz“ одеше во живо, за потоа да биде „заменета од компјутер“. Создавањето емисија во живо, споделувањето на новите музички стилови, албуми и музичари со слушателите имаше посебна убавина. Новото време, пак, донесе можност за архивирање на емисиите на посебни музички апликации и нивно слушање во било кое време. Исто така, светот стана глобално село, па едноставно е емисиите да стигнат и до најдалечните делови на светот, што не беше можно додека емисијата се емитуваше само на ФМ скалата. Сепак, радиото беше и остана (за мене) посебен медиум, кој и покрај појавувањето на интернетот остана популарен кај слушателите. Има некоја посебност во неговата „несовршеност“, нешто што ги тера слушателите секојдневно да го поминуваат своето време заедно со фреквенциите од ФМ скалата – посочува Марти Ивановски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 170, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.3.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот