Путин предупреди дека Западот создава монопол во областа на вештачката интелигенција

Владимир Путин
Владимир Путин /EPA-EFE/MIKHAIL METZEL / SPUTNIK / KREMLIN

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека на Западот не смее да му се дозволи да создаде монопол во областа на вештачката интелигенција, најавувајќи дека наскоро ќе биде објавена поамбициозна руска стратегија во таа сфера.

Соединетите Американски Држави и Кина предводат во развојот на вештачката интелигенција, технологија за која многу научници предвидуваат дека ќе го трансформира светот и ќе го револуционизира општеството, како што тоа го направија компјутерите на крајот на 20 век.

И Москва има амбиции да стане суперсила во вештачката интелигенција, но нејзините резултати засега доцнат поради војната во Украина, која натера голем број талентирани научници да ја напуштат Русија, а Западот воведе санкции против Москва кои го сопреа увозот на високотехнолошки производи, пишува Ројтерс.

Зборувајќи во Москва на конференција за вештачката интелигенција, Путин кажа дека е невозможно да се забрани АИ и предупреди дека би било опасно и неприфатливо да им се овозможи на западните технологии да развијат монопол во таа технологија.

„Како прв чекор во блиска иднина ќе биде потпишан претседателски указ и ќе се усвои нова верзија на националната стратегија за развој на вештачката интелигенција“, кажа Путин.

„Таа стратегија ќе донесе значителни промени, вклучувајќи експанзија на фундаменталните и применети истражувања во областа на генеративната вештачка интелигенција и големите јазични модели“, најави рускиот лидер.

Русија треба да направи законодавни и инвестициски промени за да го поттикне развојот на вештачката интелигенција, заклучи Путин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот