Прв удар за Мелони на локалните избори

Џорџа Мелони / Фото EPA-EFE/RICCARDO ANTIMIANI

Италијанската премиерка Џорџа Мелони ги загуби првите регионални избори откако дојде на власт во 2022 година, откако кандидат на левиот центар победи на локалните избори на Сардинија.

Резултатите покажуваат, по речиси сите преброени гласови, дека Алесандра Тоде од Движењето пет ѕвезди, кое ја поддржа Демократската партија, партија на левиот центар, освоила 45,3 отсто од гласовите. Десничарскиот кандидат Паоло Труцо, кој беше поддржан од Мелони, освои 45 отсто.

И покрај тесната разлика и тоа што не се преброени сите гласови, Тоде ја прослави својата победа со лидерот на Движењето пет ѕвезди и поранешен премиер Џузепе Конте и шефицата на Демократската партија Ели Шлејн.

Тоде ќе биде првата жена претседател на регионот Сардинија и прва претседателка на некој регион од Движењето пет ѕвезди.

Победата, откако ќе биде потврдена, би значела и дека за прв пат од 2015 година некој од левиот центар победил на изборите за италијанскиот регион. Тоа би значело и поттик за опозицијата по години порази.

Говорејќи во главниот град на островот Каљари, Тоде им рече на новинарите дека е „многу среќна и многу горда“, додавајќи дека „страница во историјата“ се пишува за Сардинија.

Гласањето се одржа на 25 февруари, а броењето започна еден ден подоцна и траеше невообичаено долго.

Блокот на Џорџа Мелони, кој ги вклучува нејзината партија Браќа на Италија, Лига и Напред Италија, победи на сите четири регионални избори во 2023 година и контролираше 14 од 20 региони до изборите на Сардинија.

Анкетите покажуваат дека десничарската коалиција се уште води на национално ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот