Протест во Горна Бањица, мештаните најавуваат целосна блокада на изградбата на Коридорот 8

Мештани-Горна Бањица-Фото: Слободен печат

Жители од гостиварските села Долна и Горна Бањица на протестен собир, попладнево изразија незадоволство од добиените ветувања за барањата околу спроведувањето на планот за изградба на Коридорот 8. Тие предупредија и најавија целосно блокирање на работите на терен кои ги изведува „Бехтел и Енка“ од наредната недела.

Насир Асипи, на собирот во името на жителите овие две гостиварски села појасни дека пред еден месец имале средби во владата со министрите Артан Груби, Благој Бочварски на која ги изнеле барањата.

„На состанокот им кажавме дека нашето основно барање се однесува на изградбата на камповите за сместување на работници. Тие да не бидат по трасата, бидејќи така дополнително ќе ни одземаат земја. Таков камп да се прави на просторот на старата касарна и воените магацини. Не сме против изградбата на патот и го поддржуваме проектот, но нема да даваме земја за други намени освен за патот“, рече Асипи.

Тој посочи дека министрите им ветиле дека набрзо ќе добијат одговор, но како што рече никој повеќе од еден емсец не ги контактирал и го оцени како несериозен однос. Поради тоа селаните се принудени на порадикални мерки.

„Доколку до понеделник не добиеме позитивен одговор на нашето барање, ние ќе почнеме со блокади и целосно ќе ја стопираме работата на фирмите кои работат на коридорот во атарите на нашите села“, потенцира Насир Асипи.

Жителите на Долна и Горна Бањица во неколку наврати со повеќечасовни блокади на локални регионални патишта изразуваа револт од начинот на кој се спроведува експропријацијата.

Проектот што автопатски треба да ги поврзе Гостивар и Кичево е предвидено да минува низ атарите на овие села како дел од Коридорот 8. Според првичните оценки треба да бидат одземени околу 600.000 квадратни метри земјиште.

Мештаните велат дека не се против изградбата на коридорот, односно одземање на земјиштето кадешто треба да поминува трасата, иако експропријацијата се наплаќа по неверојатно ниска цена од 650 денари за квадратен метар, но, како што велат, тие се изречито против одземање на имот долж трасата, процес кој што велат нема да го дозволат.

Претседателот на месната заедница на Долна Бањица Насир Асипи вели дека на селаните им стигнувале решенија за експропријација без да бидат консултирани и повикани на разговор или каква било средба која постојано ја бараат со надлежните институции.

Мештаните на чиј имот ќе поминува Коридорoт 8: Се соочуваме со насилно одземање на нивите по одредена минимална цена

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот