Протест на КСС: Законот за администрација нема ништо европско, само поттикнува непотизам и примитивизам

Фото: МИА

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска пред законодавниот дом го изрази своето незадоволство поради носењето на Предлог-Законот за административни службеници, кој е влезен во собраниска процедура во скратена постапка. Со Предлог-законот за административни службеници, претседателот на КСС Благоја Ралповски вели се изземаат круцијалната права на работникот, вадење на минималната плата, како и непочитување на Законот за минимална плата.

-Овој закон нема ништо европско, со овој закон само се поттикнува непотизмот и примитивизмот. Вадењето на минималната плата да важи од март, а сите други одредби од 01.01.2025 година, мислиме дека не е време да се носи еден ваков закон, како што го кажуваат реформски и европски, а нема ништо европско, ниту реформско, рече Ралповски.

Посочи дека поголемиот дел од работниците во јавниот сектор ќе продолжат да земаат минимална плата и нема да добијат усогласување на платите во март, и како што рече, не може да има државни службеници кои што земаат минимална плата, а да се бара професионалност од администрацијата.

-Оној закон што е закачен на ЕНЕР беше дозволен за јавна дебата, но овој закон не беше ставен на ЕНЕР, ние првпат го видовме во собраниска процедура. Овој закон е поставен шверцерски, без јавна дебата и не знам зошто пратениците од мнозинството се обидоа да не отфрлат нас како синдикати кои што баравме јавна дебата. Не знам која е потребата, ние кажавме уште при потпишувањето на општиот колективен договор дека имаме камен на сопнување, но и тогаш кажавме, а ќе кажеме и сега дека ќе си ги браниме нашите права онака како што ги браневме многу години наназад, низ протести и штрајкови, рече Ралповски.

Ветувањето при потпишувањето на општиот колективен договор од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, дека ќе се допреговара овој дел од Законот, Ралповски рече не е исполнето.

-Очигледно си најдоа партнер со којшто сакаат да си го потпишат општиот колективен договор и овој дел што беше ветен од министерот Бесими и министерката Јована Тренчевска, не беше исполнет, така да се потпиша без да се реши овој проблем, додаде Ралповски.

Алиу: Не брзаме со законот за администрација, на него се работи седум години

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу вчера изјави дека владејачкото мнозинство не се брза пред избори да го донесе Предлог-законот за административни службеници, по скратена постапка, бидејќи на него се работи веќе седум години, а за тврдењата на синдикатите за минималната плата, посочува на новата методологија за усогласување на платите што ќе се применува од 1 март 2025 година.

– Со овој закон и со пакетот закони воопшто не се брза, рече Алиу, додавајќи дека на законот се работи од 2017 година. Работните групи седум години работеле на овој закон, а само на ЕНЕР имало три верзии на законот и имало безброј дебати и работилници, дел поддржани од меѓународните институции.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски најави дека ќе поднесат 21 амандман на овој предлог закон. За другите закони кои се дел од пакетот закони поднесени од Министерството за информатичко општество и администрација, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека ќе поднесат уште 16-тина амандмани, но не ја исклучуваат можноста амандмани да се интервенира и на самата Комисија.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе 21 амандман на Предлог-законот за административни службеници

Ако предложениот закон за административни службеници помине по брза постапка со европско знаменце на собраниска седница, од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Синдикатот на работниците од управата,правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) изразуваат загриженост дека се нарушуваат работничките права и интереси, без почитување на стандардната процедура за донесување на закони со активно учество на заинтересираните страни, по пат на јавна расправа и социјален дијалог преку Економско социјалниот совет.

Тие остануваат на барањето да има широка дебата за законот и да бидат вклучени во неа.

ССМ и УПОЗ апелираат: Предложениот закон за административни службеници да не се гласа по брза постапка

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот