
Проширувањето на патот од Пинтија до Драчево им „кине нерви“ на 50 илјади граѓани
Зацртаната траса што ја предвидува проектот за проширување на булеварот, зафаќа приватен имот, дворови на семејни куќи и на фирми и токму затоа работите се одвиваат со голем застој, но од Град Скопје не одговараат дали е при крај постапката за експропријација.
Три години се чека да заврши проширувањето на булеварот Борис Трајковски во делот од Пинтија до мостот пред Драчево, делница долга околу 2,3 километри, кое го започна поранешниот градоначалник Петре Шилегов во јуни 2021 година. Градежните работи сѐ уште тапкаат во место, завршен е само кружниот тек пред мостот, а покрај патот е присутна и механизација, која веројатно треба да покаже дека активностите не запираат.
Препорачано
И додека драчевци се жалат дека ги искршиле автомобилите секојдневно возејќи барем по двапати по оваа делница и дека нервите ги изгубиле чекајќи во колони за да се вратат дома поради метежот што се создава на овој потег во сообраќајниот шпиц, од Град Скопје нема никакво навестување кога овој дел од булеварот ќе заличи како претходно направениот дел.

Последните информации од Градот се од пред речиси две години кога градоначалничката Данела Арсовска се пожали дека најголем проблем за завршување на работите се нерешените имотноправни прашања и посочи дека повеќе нема да се дозволи да се почне проект без да бидат завршени сите претходни завршени постапки.
Ги решаваме наследените проблеми на еден од поголемите инфраструктурни проекти на изградба на булеварско решение Борис Трајковски, со кој се овозможува населените места од општина Кисела Вода да се поврзат со централното градско подрачје. Како дел од реформите што сега ги спроведуваме во градот, нема повеќе почнување проекти без претходно завршување на неопходните постапки, поради кои се предизвикува времена стагнација на реализацијата. За помалку од една година успеавме да решиме многубројни имотноправни проблеми со кои беше блокиран проектот и за секој нов проект сите постапки ќе бидат однапред завршени како реализацијата би се одвивала без застој, ефикасно и во најкратки можни рокови за изведба – рече тогаш Арсовска.
Продолжува изградбата на булеварот „Борис Трајковски“ од Кисела Вода до Драчево

Зацртаната траса што ја предвидува проектот за проширување на булеварот, зафаќа приватен имот, дворови на семејни куќи и на фирми и токму затоа работите се одвиваат со голем застој. Градоначалничката, која неколкупати во незиниот мандат правеше увид во градежните активности, во една пригода истакна дека Градот решил предмети за експропријација со вкупна површина од 37.047 квадратни метри, а дека во тек е експропријацијата и на останатите 10.988 квадратни метри. Дали е при крај оваа постапка, нема понова информација.
На терен состојбата е очајна. Улицата на овој дел е тесна, полна со дупки, по која тешко поминуваат автомобили, а особено автобуси и камиони. Според процените на Град Скопје, низ овој булевар дневно транзитираат околу 50.000 жители, кои со нетрпение очекуваат да добијат модерна и безбедна сообраќајница.
Проектот предвидува булеварот на потегот од Пинтија до мостот кај Драчево во должина од 2.325 метри да има четири наместо две коловозни ленти, кружен тек наместо крстосницата пред мостот кај Драчево, како и нова пешачка и велосипедска патека.
Улицата ќе добие и нова атмосферска и фекална канализација, а се реконструира и дел од водоводната мрежа. Не се знае ниту до каде е нивната изградба.
