Пропагандата „Сите се исти“

Никола Наумоски – Град Скопје е единствениот град во регионот што минатиот месец лансираше пакет од осум мерки за културата во време на вонредни услови

Граѓаните ги препознаваат разликите, ги разликуваат катастрофалните од успешните проекти што го подобруваат квалитетот на нивниот живот. Затоа перманентната црна кампања на опозицијата е неуспешна, како и пропагандата „сите се исти“.

Сте го слушнале вицот „Се тече, сѐ се менува, рекол Panta Rei“? А сигурно сте го чуле и пропагандниот рефрен „Све је исто, само њега нема“. Е, сега, исто е или не е исто нашево Скопје, особено откако го „снема“ осудениот автор на „Скопје 2014“?

 

Дали се исти изборите и слободата во Скопје?

 

Ги има ли истите притисоци и закани, „касапаана избори“, намерно расипување лифтови? Има ли регистрирање „50 души у стан од 40 квадрати“, изборно криумчарење на „човечиња“ од Пустец и други места? Има ли убиства среде центар на партиски прослави? Има ли контра-протести, апсење паркобрани и криминално сечење дрвја во три саат ноќе, со специјалци? Има ли затворање телевизии и весници со специјалци, исти „ку… вести“ на сите канали? Треба да си златна рипка со меморија од 3 секунди за да кажеш дека изборите во Скопје се исти како во режимот на Груевски.

 

Дали дишеме ист воздух во Скопје?

 

Има ли сега толку алармантни наслови како порано: „Скопје дише како во кеса од правосмукалка“, „Умираме чекајќи чист воздух“, „Скопје – еден од најзагадените главни градови во Европа“, „Ќе шетаме со скафандери“? Сите релевантни анкети укажуваат дека аерозагадувањето веќе не се перципира како прв проблем во Скопје.

А, како беше порано – споредете ги само бројките за PM10 и PM2.5 честички во Центар во зимските месеци 2015 и во 2020.

На пример, во Центар во декември 2015 имало само еден ден кога вредноста на PM 2.5 честички била под 100, а 13 дена била над 200! Во декември 2020, во Центар имало 13 дена кога вредноста на PM2.5 честички била под 100, а ниту еден ден над 200 (како ни во целата 2020 и во 2021). Треба да си златна рипка што дише на шкрги во аквариум, за да тврдиш дека сега дишеме ист воздух како во време на груевизмот и дека „нема ни З од намалување на загадувањето во Скопје“.

 

Дали се исти булеварите, тротоарите, велопатеките и дрворедите во Скопје?

 

Се градат ли булевари со сечење дрвореди, без велопатеки и зеленило, како порано? Окупирани ли се како претходно тротоарите со возила? Ист ли е бројот на велопатеки и велосипедисти, или пак сега има многу повеќе?

„Исташите“ залудно се обидуваат да го поистоветат сечењето и уништувањето на дрворедот на бул. „Климент Охридски“ со сечењето заради обновување на дрворедот на „Орце Николов“.

И фитопатолозите што излегоа на увид забележаа пред камери дека при реконструкцијата се води поголема грижа за здравјето на зеленилото и дрворедот. Навистина, треба да си златна рипка која плива во тесен аквариум за да не увидиш колку е зголемена грижата за булеварското зеленило и дрворедите во Скопје.

 

Дали се исти дивите депонии во Скопје и парковите?

 

Има ли повеќе, или многу помалку диви депонии отколку порано? Има ли подобар систем на одложување на отпад, кабаст отпад и подобро менаџирање со депонијата Дрисла која е повторно во сопственост на скопјани? Дали се уништува и разграбува парк-шумата Водно, или пак се уредува и обновува со нови патеки и содржини?

Сте ги виделе ли новите паркови во Скопје каде што претходно имаше диви депонии? Прошетајте, на пример, во новиот голем парк во Кисела вода. Ќе видите над 200 висококвалитетни дрвја, кои веќе полека ги шират своите крошни како природна сенка и голем број посетители.

Или, прошетајте во новите паркови Ибн Пајко и Мичурин, во новоуредениот парк во Сарај, во новиот парк во Топаанско Поле или пак во Градскиот парк со нова тартан патека каде што се сега се обновуваат влезот и патеките. Само некој што ги нема посетено новите паркови, зелени скверови, и зелени покриви, може да тврди дека „се е исто“ во Скопје како и порано. Парковите се препосетени, за разлика од „Скопје 2014“.

 

Дали е исто „Скопје 2014“?

 

„Исташите“ реторички се обидуваат да поентираат дека „шајка не му фали“ на „Скопје 2014“ по промената на власта и дека „се е исто“ само „Ќосето“ го нема. Но, дали е баш така? Секој што ќе се доближи до милионските градби, може да увиди дека многу „шајки“ му фалат на „Скопје 2014“: барокните фасади на театарот се распаѓаат, античките столбови на Археолошкиот музеј пожолтеле и распукале, скапите огради на мостовите за’рѓале, фонтаните и прскалките во Вардар се расипале, лавовите, спомениците и скулптурите оксидирале и позеленеле, градските плажи испустеле, палмите се исушиле, повеќето двокатни дизелаши се раскантале, скапата фасада на ЕСМ ја оддува првиот посилен ветер, а карабината од „црквата-музеј“ на Кале стои како потсетник за етничките и верски конфликти кои веќе ги нема.

Не е точно дека само „Ќосето“ го нема.

Го нема ни прескапото панорамско тркало, ни Шпанските скали, ниту прескапиот пајтон, ни смешните рингишпили. А и бетонските галии што урбаната мафија на ДПМНЕ ги нарече „сплавови“ една по една ќе се отстранат. Го нема ни барокниот ГТЦ – не е исто да правиш зелен кров на ГТЦ и да го затвориш со барокна фасада. Го нема ни авторот на „Скопје 2014“ да си гради згради-мади на неговите плацови во Водно и да ужива во неговиот партиски замок, „украсен со велелепни лустери, црвени теписи и махагони“.

Ги нема ни новинарите да вршат притисок врз судството и обвинителството до каде се процесите и истрагите за криминалите во врска со проектот што требаше да чини 80, а надмина 700 милиони евра. Остана само анегдотата што се раскажува меѓу уметниците: Што имате да кажете како уметник за „Скопје 2014“? – го прашува новинарот еден уметник. „Како уметник немам ништо да кажам за „Скопје 2014“, за криминали се прашува во Обвинителството“.

 

Дали се исти градските власти и плановите за развој на Скопје?

 

Дали се исти градските власти или се далеку потранспарентни од порано? Дали се фрлаат стотици милиони евра на мегаломански градби, фасади и восочни фигури или се инвестира во капитални проекти за решавање на сообраќајните проблеми и за брз градски превоз во Скопје? Дали Скопје се дели или се спојува?

Град Скопје продолжува да гради и да реконструира булевари, да гради нови клучки и мостови што ги спојуваат скопјани, ја реконструира Универзална сала и летово започнува со изградба на Забавен парк. Скопје урбанистички и сообраќајно се развива кон Север, а не како што посакуваа од злосторничкото здружение „парцела да е“, со „Сончев град“, „Беверли Хилс“ на Водно и уништување на шумата за „ски-патеки“.

Граѓаните ги препознаваат разликите, ги разликуваат катастрофалните од успешните проекти кои го подобруваат квалитетот на нивниот живот. Затоа перманентната црна кампања на опозицијата е неуспешна, како и пропагандата „сите се исти“.

Тоа е видливо и во последната анкета на ИРИ, според која СДСМ во Скопје има поголема доверба од ДПМНЕ и Левица заедно. Зошто, во споредба со анкетата на ИРИ од август 2017, ДПМНЕ има изгубено поддршка во Скопје за цели 7 проценти, а СДСМ ја има зголемено поддршката за 5 проценти? – Затоа што не се сите исти. Исти се само црните пропагандисти во ДПМНЕ.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот