Пуштен во употреба новиот БТО јагленов систем/Фото: Слободен печат

Пропадна тендерот за ископ на јаглен во РЕК „Битола“, ЕСМ брзо ќе распише нов, со олеснети услови

АД ЕСМ известува дека не е избран економски оператор за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во РЕК „Битола“, по огласот објавен на електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) на 13 декември, минатата година. Согласно со завршената евалуација, Комисијата за јавни набавки при АД ЕСМ констатирала дека според податоците за техничко-професионална способност содржани во доставените понуди, ниту една од пријавените фирми не ги исполнила целосно побараните условите од повикот.

Констатирано е дека наведените критериуми во делот на референците што се однесуваа на исполнување на најмалку една услуга за ископ од минимум 500.000 тони јаглен во последните три години, и извршени услуги за ископ на земјени или карпести маси или руда во износ од минимум 3 милиони метри кубни – кумулативно во последните три години, драстично ја ограничиле конкуренцијата.

Во интерес на времето, како што стои во соопштението, АД ЕСМ во текот на неделава ќе распише нов оглас во согласност со Законот за јавни набавки и во делот на техничко – професионалната способност ќе изврши одредени олеснувања со кои би се овозможила поголема конкуренција, односно поголем број на потенцијални економски оператори да достават понуди за конкретниот предмет на набавка. Истовремено, во новообјавениот повик, на сметка на олеснетите критериуми за референци за ископ, ќе се бара поголема техничка опременост на компаниите со цел да се зголеми квалитетот и обемот на услугата, како во делот на ископ на јаглен, така и во делот на ископ на јаловината чиј третман е од исклучително значење за геомеханичката стабилност и функционалност на рудникот.

Од АД ЕСМ велат дека пролонгирањето на избор на економски оператор преку редовна постапка, во никој случај нема да има влијание на роковите и вредноста од договорот со привремено ангажираниот економски оператор за ископ на јаглен и јаловина, ниту пак АД ЕСМ ќе има потреба од реализација на нова постапка со преговарање. Новиот оглас повторно ќе биде со временски рок за поднесување на понудите од 20 дена, со што целата процедура за избор на договорен економски оператор се очекува да заврши пред исцрпување на вредноста од договорот за привремен ангажман.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот