
Промоцијата на стихозбирката „Во цутот на мекоста“ од Гала Матевска ќе се одржи во „Буква“
Дебитантската збирка поезија со наслов „Во цутот на мекоста“ од Гала Матевска ќе биде промовирана на 9 октомври, од 19:30 часот, во кафе-книжарницата „Буква“. Промотор на книгата ќе биде Јулијана Величковска. Изданието е поддржано од Министерството за култура и туризам.
Препорачано
– Поетскиот првенец „Во цутот на мекоста“ е силно сведоштво за нов оригинален лирски глас на поетската сцена. Се работи за стихозбирка сочинета од триесетина впечатливи и суптилно осмислени песни, чијшто тематски спектар е сугестивно најавен со насловот. Имено, синтагмата „во цутот“ не само што потсетува на младешката димензија („во цутот… на младоста“) на оваа (во најголема мера љубовна) лирика, туку и на односот кон природата и кон пејзажите, токму кога тие се највпечатливи, во полн цут. Уште од првата па сè до последната песна од ракописот, секој нов стих нè уверува дека пред нас е еден раскошен, слоевит, напоен со лирска мекост, поетски свет – напиша професорот и книжевен рецензент Владимир Мартиновски.
Гала Матевска (1995, Скопје) дипломирала на Отсекот за молекуларна биологија при Природно-математичкиот факултет и моментално работи како молекуларен биолог. Отсекогаш имала интерес за креативно изразување, а од свои 16 години пишува поезија. Се инспирира од чувствата, од природата и од длабочината на меѓучовечките односи.
Во 2025 година ја објавува својата прва стихозбирка со наслов „Во цутот на мекоста“ во издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје. За песната „Студ“ ја доби наградата „Енхалон“ за најдобра песна прочитана од млад автор на 64. Струшки вечери на поезијата.