Промоцијата на седум сликовници од Маја Мишевска беше дел од првото издание на фестивалот „Видик“

Авторката Маја Мишевска со една од промовираните сликовници

Серијалот сликовници од младата авторка Маја Мишевска, илустрирани од познатиот илустратор Тхе Мичо, се минијатурни бравури за предизвиците во растењето на секое дете.

Напишани од дете за дете (деца), секоја од седумте приказни на Мишевска се заокружува со некаква поентичка, дорасната за возраста на децата за која се наменети. Па, така, низ убав јазик, јасни ситуации и шарени илустрации, секое дете ќе се идентификува со јунакот исправен пред некоја пречка, навидум голема и непремостлива, зад која го чека силна порака. „Мравката Тони“, „Бумбарот Боби“, „Гасеницата Кики“, „Бувот Оли“, „Делфинот Дуле“, „Слонот Кире“ и „Коњчето Искра“ нè учат за упорноста, другарството и дружељубивоста, за храброста, љубезноста и фантазијата на најубав можен начин – нежно и со многу љубов.

Седумте сликовници на Маја Мишевска се објавени под едицијата „Железница на чувствата“ во рамките на импринтот „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“. Книгите беа промовирани на 6 јуни во рамките на првото издание на „Видик“ – новиот фестивал за литература и општа култура. Промоторка на изданијата беше Бисера Бендевска.

Издавачката куќа „Арс ламина“ е партнер за книжевната програма на првото издание на фестивалот „Видик“. Досега беа промовирани наградуваното дело „Коњски житија“ на Зоран Анчевски и хибридната инклузивна сликовница на кирилско писмо и на Брајова азбука „Шарени ириси“ со текст на Јована Матевска Атанасова и илустрации на Симонида Филипова Китановска.

Се одржа тематскиот интерактивен настан за фанови „Враќањето на Шерлок Холмс“, завршната изложба „Поглед кон Порта Европа“, со која „Арс ламина“ го заокружи проектот „Порта Европа“, како и театарска изведба базирана на книгата „Железно небо“ на Марјан Георгиевски.

Во „Литература.мк“ во „Ист гејт мол“, од 3 до 16 јуни, е поставена изложбата „Страници на фантазијата“ со најубавите илустрации од книгите за деца во издание на „Арс ламина“: „Си беше еднаш“ (Наталија Лукомска), „Нови бајки од Македонија“ (Орце Нинески), „Рокчето“ (Анета Илиевска), „Девојче и мече“, „Девојчето и градот“, „Рекичето што сакаше да порасне“ (Ване Костуранов), „Бајки од Македонија“ (Катерина Николовска), „Мачката Мара шубара“ (Иванка Ниба) и „Шила“ (Калиопи Трпчева).

Следуваат театарската изведба на „Торонто експрес (Тибам штркот)“ инспирирана од книгата на авторот Зоран Спасов-Ѕоф (12 јуни, 19 часот) и мултимедијалната презентација на најновата поетска книга на Никола Маџиров – „Шестарот на времето“, што ќе се одржи на 13 јуни, во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 234, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот