Промоцијата на книгата „За македонистиката отворено“ ќе се одржи во големата сала на Општина Охрид

Насловна корица на книгата

Во рамките на одбележувањето на 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, на 20 октомври, со почеток во 12 часот, во големата сала на Општина Охрид ќе биде одржана промоција на книгата „За македонистиката отворено – I книга“ на Свето Стаменов, политиколог, новинар на Македонското радио – Радио Скопје и познат македонски публицист, и на проф. д-р Димитар Пандев, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје и истакнат македонски лингвист, славист, македонист и писател.

Делото „За македонистиката отворено“, чиј издавач е Општина Охрид, содржи 21 радио-разговор емитуван во периодот од 19 ноември 2016 година до 14 февруари 2022 година во авторскиот проект „Quo vadis“ и во редовните програми „Актуелно“ и „Радио спектар“ на Македонското радио – Радио Скопје.

Во книгата се опфатени разговори за Крсте П. Мисирков и неговата книга „За македонцките работи“, за свети Климент Охридски, за Блаже Конески, за Григор Прличев, за „Бели мугри“ на Кочо Рацин, за големите македонистички јубилеи, за најновото издание на Правописот на македонскиот јазик, за Законот за јазиците, за најновата бугарска антимакедонска кампања која го негира постоењето на македонскиот јазик, како и за предизвиците пред кои се исправени македонскиот јазик и македонистиката, воопшто.

Содржината на книгата, која е дел од двотомниот проект на Свето Стаменов и на проф. д-р Димитар Пандев „За македонистиката отворено – Отворено за македонистиката“, е сместена на 360 страници, а рецензенти се поранешниот словенечки амбасадор во нашава земја, проф. д-р Милан Јазбец, и доц. д-р Бобан Карапејовски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, кој ќе биде и промотор на книгата, а воведниот збор е на м-р Перчо Божиновски, заменик градоначалник на Општина Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот