Промените во судството треба да дојдат од самите судии

Фото: Профимедиа

Промени и реформи во судството ќе има само ако ги спроведат самите судии и битката треба да се води во самото судство, а не со административни и политички мерки, како ветинг или целосен реизбор на судии, со цел граѓаните да ја вратат довербата во правосудните институции, вели во изјава за „Слободен печат“ професорот по уставно право Светомир Шкариќ.

По катастрофалниот рејтинг на правосудството кој, според последната анкета на ИРИ, дополнително се преполови од 8 на 4 проценти и по серијата контроверзии со изборот на Ислам Абази за шеф на Обвинителството за организиран криминал, изборот на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, скандалот со 449 студенти од Штуловиот универзитет, меѓу кои и синот на собранискиот спикер Талат Џафери, кои предвреме полагале правосуден испит, но и одлуката на Апелацискиот суд за одново судење на предметот „Таргет- Тврдина“ и „Трезор“ во кој поранешниот директор на, УБК Сашо Мијалков, беше осуден на 12 години затвори, политичарите лицитираат со предлози како да се решат состојбите во судството и во обвинителството.

Ветинг на актуелни или и на поранешни судии и обвинители, прочистување на актуелните, на поранешните и проверка на идните избрани и именувани функционери, реизбор на судиите, закон за потекло на имот на судиите, обвинителите и на политичарите, се само дел од предлозите со кои речиси секојдневно бомбардираат политичарите за да се врати довербата на граѓаните во правосудството и таа да не биде на рамниште на статистичка грешка.

Размислувањата, пак, кај правната фела се поделени од тоа дека во ваква состојба во која се наоѓа правосудството ветингот е неопходен, до тоа дека реформи и враќање на довербата во судството и во обвинителството е можна само ако самите се прочистат.

Судиите да се ослободат од стегите

Според Шкариќ, судството е деликатна професија и треба да се внимава на изјавите на политичарите, бидејќи тие не го разбираат судството. Тој додава дека судството е уметност, судиите ја делат правдата што е многу суптилна работа и зависи од совеста и од интегритетот на судиите.

– Прочистувањето и промените во судството треба да дојдат од самите судии. Судството мора да има широка самостојност. Имаме доволно регулатива за правосудството, тука е и Судскиот совет. Битката треба да се води во самото судство, а не политичарите со нови закони и мерки од надвор да го прочистуваат судството. Не можам да им верувам на политичарите дека имаат добри намери и сакаат независно судство, како и на мерките со кои се лицитира. На пример, во Судскиот совет со закон е забрането претседател на Советот да биде судија. Очигледно е дека политиката сака да го стави Советот под контрола – смета Шкариќ.

Професорот вели дека фронтот треба да се насочи во друг правец, а не со административни и политички мерки, какви што се ветинг или реизбор на судии.

– Судиите прво треба да се ослободат од стегите и притисоците од политичарите и да не дозволуваат политиката да си игра со нив. Ветинг или реизбор на судии се административни мерки што немаат врска со судството и не можат да вродат со плод. Судиите треба критички да проговорат за состојбата во судството, а ветингот или реизборот е однапред промашена работа со која политиката повторно ќе ја замајува јавноста, а судството го фрла во конфузија – смета Шкариќ.

Ковачевски: По Нова година ќе се подготви закон за ветинг

Премиерот Димитар Ковачевски веќе најави дека по Нова година ќе подготват закон за ветинг, но засега нема информации дали тој ќе се однесува само на судиите и на обвинителите или законското решение ќе ги опфати и политичарите. Тој вчера одби да го коментира нискиот процент на доверба во правосудството во анкетата на ИРИ, бидејќи, како што рече, тоа е прашање за правосудните органи.

За тоа дали планира реконструкција на министерот за правда ако продолжи ваквиот тренд во правосудството, Ковачевски истакна дека надлежностите на министерот се да носи законски решенија за работата на правосудната фела и да обезбеди буџет.

– Во однос на правосудството, ќе повторам, јас не учествувам во какви било одлуки, ниту, пак, тоа ќе се случи во иднина. Истото се однесува и на министерот за правда, што значи сите одлуки во кадровскиот дел, ги носат судовите и обвинителствата. Тоа се одлуки во исклучива надлежност на правосудните органи. Министерот за правда има обврска да носи законски решенија што се однесуваат на унапредување на работата на правосудната фела и да обезбеди буџет – рече Ковачевски и додаде дека не планира реконструкција.

За ветинг начелно се изјасни и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со напомена тој да важи и за политичарите. Алијанса за Албанците има готови повеќе закони за борба против корупцијата, како што е ветинг на јавни обвинители, на судии, на доктори, професори во високото образование, одземање на имот стекнат на неправилен начин.

Наспроти ветинг, претседателот на ДС Павле Трајанов излезе со предлог Владата да подготви закон или закони, со кои во текот на една година ќе им престане мандатот на сите судии, од основните судии, па до Врховниот суд, и во тој период за секој судија да се спроведе постапка за ревизија на неговата работа, имотната состојба и постапка за реизбор.

– Професионалните, чесните и некомпромитираните да продолжат да бидат судии, а другите да понесат одговорност. Тоа би бил конкретен придонес, а не да се замајува јавноста со изјавите дека судиите треба да бидат засрамени, каква хипокризија е тоа – смета Трајанов.

Тој смета дека последните судски одлуки за предметите „Трезор“ и за „Таргет – Тврдина“ се резултат на корумпиран политичко судски пазар, а не самостојни одлуки на судиите.

Лазарова Трајковска: Требаше веднаш да ја објават одлуката

Врховната судијка Мирјана Лазарова Трајковска смета дека Апелацискиот суд Скопје требало веднаш да ја објави одлуката за укинување на првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“ и враќање на предметот на повторно судење, бидејќи станува збор за предмет што е „под окото на јавноста“. Според неа, за предметите што предизвикуваат јавен интерес, судот треба да води сметка за постапувањето по предметот и за ефикасноста на водењето на постапката.

– Од завршувањето на јавната расправа до одлучувањето по предметот имало долг временски период, што остана необјаснето од Апелацискиот суд. Објавеното соопштение е задоцнето. Кога се повисоките судови во прашање, се чита и дел од пресудата за да ѝ биде јасно на јавноста зошто тој суд одлучил така како што одлучил – вели Лазарова Трајковска за ТВ Телма.

Таа додава и дека судиите имаат обврска да водат сметка за предметот да не застари и дека од тие причини се важни процедуралните чекори што ги прават.

– Одлуката може да биде заснована и врз одлично образложение, но судот е должен кон јавноста, знаејќи го влогот во тој предмет со кој се засегаат 20.000 лица – вели Лазарова Трајковска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот