Професор Дејан Трајковски: Изградбата на ХЕЦ „Чебрен“ е вест на деценијата, но ќе ни треба многу повеќе струја

Во 2026 година треба да престане со работа на јаглен ТЕЦ „Битола 1“, а нејзината адаптација на природен гас заглави во ќорсокак, Самиот Чебрен нема да ни биде доволен (ќе ни треба 2-3 пати повеќе), иако имаме простор и за изградба на ХЕЦ „Орлов Камен“, па и амбициозниот проект „Вардарска долина“. За жал, ХЕЦ „Бошков Мост“ и „Галиште“ повеќе никој не ги споменува.

Изградбата на ХЕЦ „Чебрен“ со инсталирана моќност од 333 мегавати е вест на деценијата,но ќе ни требаат уште такви капацитети, оцени Дејан Трајковски, професор во Универзитет “Св. Климент Охридски” Технички Факултет – Битола.

„Самиот Чебрен нема да ни биде доволен (ќе ни треба 2-3 пати повеќе), иако имаме простор и за изградба на ХЕЦ „Орлов Камен“, па и амбициозниот проект „Вардарска долина“. За жал, ХЕЦ „Бошков Мост“ и „Галиште“ повеќе никој не ги споменува“, елаборира професорот во освртот за ХЕЦ „Чебрен“ што го објави на својот фејсбук профил.

Професорот потсетува и на тоа дека во 2026 година треба да престане со работа на јаглен ТЕЦ „Битола 1“ и вели дека нејзината адаптација на природен гас заглавила во ќорсокак. Притоа, напоменува и дека цената на електричната енергија добиена од гас е повисока отколку енергијата добиена од јаглен. Понатаму, до 2030 година сите блокови на РЕК Битола ќе мораат да престанат со работа на јаглен, согласно обврските што Македонија ги презеде кон ЕУ.

„Во меѓувреме ЕСМ гради фотоволтаични фарми (до сега инсталирале панели за 300 MW во Осломеј, кичевско), но засега нема банки од литиумски батерии за складирање на произведената електрична енергија за потрошувачка во ноќните часови. Тука до израз ќе дојде реверзибилната ХЕЦ „Чебрен“, која со произведените вишоци на електрична енергија од фотонапонските електрани ќе пумпа вода низводно од браната назад во акумулационото езеро, претворајќи ја и складирајќи ја електричната енергија во форма на потенцијална енергија на гравитацијата на водата.

Во ноќните часови и при облачно време, кога фотоволтаиците не произведуваат електрична енергија, оваа вода од поголема висина, т.е. од акумулацијата ќе се спушта надолу и ќе врши корисна механичка работа во турбината, што ќе се користи за производство на електрична енергија во генераторот.
Преку ден истите турбини ќе служат и како пумпи, кога ќе работат во обратна насока. Ако во турбински режим турбината ја претвора енергијата на водата во механичка работа и понатаму во електрична енергија, во пумпен режим електричната енергија преку механичката работа се претвора во потенцијална енергија на водата, што се складира. Истото важи и за електричниот генератор, кој дење ќе работи како електромотор за погон на пумпата. Единствено таквата турбина-пумпа треба да биде специјално адаптирана за двонасочен проток на водата (нападни и излезни рабови на лопатките), а електромоторот-генератор бара исто така регулација на брзината/моќноста со помош на електроника.
Накратко кажано, истата хидраулична и електрична машина работаат: дење како електромотор и пумпа, ноќе како турбина и генератор“, објаснува професорот Трајковски.

Тој се осврна и на цената, потсетувајќи дека „од порано предвидените 550 милиони евра (извор: ЕСМ), цената достигнала една милијарда евра, но барем работите конечно ќе тргнат од мртва точка“.

Трајковски  вели високата цена која ќе се плати на странски компании е пример на кој „најдобро се гледа до каде нé доведе уништувањето на домашната градежна оператива (за сметка на форсирање на странските компании, на пример за изградба на автопатиштата) и невложувањето во образованието на квалитетен инженерски кадар од градежна, машинска и електро струка“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот