Претставата „Хенгинг Араунд“ преку светот на бајките се занимава со реални проблеми во општеството

Сцена од претставата „Хенгинг Араунд“

Македонскиот народен театар ја најави премиерата на претставата „Хенгинг Араунд“, која се поставува на текст на Љупчо Јованов во режија и адаптација на Бојан Трифуновски. Премиерната изведба е планирана за 19 април, во 20 часот, на малата сцена во МНТ.

Главните ликови во приказната – „0“ (Хенгинг) и „1“ (Араунд) – се изгубени во светот на бајките, не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа. Тоа е влез во претставата и целото дејство се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни.

Соработката меѓу режисерот Бојан Трифуновски и авторот на текстот Љупчо Јованов почнала пред дваесетина години, а во меѓувреме текстот неколкупати бил одобрен за поставување, но дури сега се појавила вистинска можност за реализација на сцена. Притоа, текстот имал повеќе обнови и дополнувања за да биде во склад со времето.

– Отсекогаш сум сакал македонски автори коишто имаат постмодерен мотив во своите текстови затоа што тоа нешто е многу ретко на македонски јазик. Овој текст имаше и откупна награда на еден Конкурс на Министерството за култура пред неколку години, а јас одамна сум заљубен во текстот. Со Љупчо Јованов – Љубац соработуваме веќе дваесет години, бидејќи тој е сценограф на моите проекти, но знам и дека има напишано неколку драмски текстови. Се надевам дека нема да остане само на праизведбата на овој текст, туку дека ќе се најде можност и други негови текстови да бидат поставени на сцена.

Текстот „Хенгинг Араунд“ го сакам од повеќе причини. Како прво, затоа што е многу интелигентен и затоа што многу длабоко копа во балканската психологизација и типизација на карактери и нивното автентично неснаоѓање да станат дел од некоја поголема приказна, како што се Американскиот сон, Европското семејство и други големи наративи.

Карактерите Хенгинг и Араунд можат да бидат двајцата браќа кај Дуковски, или Владимир и Естрагон кај Бекет, или Розенкранц и Гилденстерн кај Стопард, или двајцата што покрај Исус висат на крстот, а ние ги нарековме „1“ и „0“. Причината зошто се изгубени во бајките никаде не е разјаснета, но тоа што го дознаваме од претставата со начинот на кој ја третираме со тотален театар, со напад на сите сетила, со автентична емоција и здрава доза на хумор, со тенденциозно одење по линијата на кичот, со автентична филмска глума, се неколку скриени светски познати бајки низ кои шетаат главните ликови во потрага по начин не да ја осветлат темнината, туку да научат да одат низ неа – објаснува режисерот Бојан Трифуновски.

Бојан Трифуновски, режисер на претставата

Улогите во претставата им се доделени на актерите Сашко Коцев, Стефан Спасов како Хенгинг, Александар Михајловски како Араунд, Гораст Цветковски, Борче Начев и актерките Ана Стојановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Нела Павловска. Дел од актерите и актерките се појавуваат со повеќе улоги на сцената.

– Насловот на текстот „Хенгинг Араунд“ може да се прочита и како „Висејќи наоколу“, а во насловот на претставата тоа се имињата на двете главни улоги. Тоа се ликови изгубени во светот на бајките и во бајките на возрасните во еден свет којшто е цикличен и каде што проблемите не се решаваат и никој не успева да најде решение. Секој од актерите во претставата играме по еден или два лика. Секој лик носи интересна фантазмагорична линија којашто не е реалистична. Претставата се занимава со реални проблеми, но не се игра реалистично. Процесот на подготовка на претставата и начинот на соработка за мене беше интимен, пријатен, интересен, а беше и дополнително искуство, бидејќи после долго време работев со мојот сопруг, кој е режисер на претставата. Сметам дека сите заедно бевме како едно заедничко тело, бидејќи сите во екипата сме пријатели и имавме пријателски процес од кој мислам дека ќе излезе нешто позитивно – истакнува актерката Софиа Насевска-Трифуновска.

Според Насевска-Трифуновска, пристапот на режисерот Трифуновски во градењето на претставата е многу мек и нежен, а притоа доаѓа до решенија за кои актерот не е свесен додека не ги одработи на сцената и додека не го види комплетниот производ.

Плакат за претставата „Хенгинг Араунд“ во МНТ

Актерот Борче Начев првпат соработува со режисерот Бојан Трифуновски, иако се генерација од Факултетот за драмски уметности во Скопје. Во претставата ги игра ликовите Четириесет разбојници и Седум џуџиња и на шега вели дека игра 47 ликови, но тоа не било проблем да навлезе во светот на бајките.

– Познавајќи ги бајките такви какви што се, какви што сме ги читале, какви што ни ги раскажувале, како што сме ги доживувале, всушност, во оваа претстава правиме демистификација на доживувањето на познатите бајки и гледаме дека можат да бидат и поинакви. Сето изместување на бајките што се база на претставата го правиме преку концептот на режисерот, кој сака да ја раскаже својата идеја или да пренесе порака за тоа што нам ни се случува во реалниот живот, како реални ликови во општеството денес. Светот на бајките којшто сите ние го сонуваме и во којшто понекогаш посакуваме да живееме и не е баш така розов како што си го замислуваме. Патувајќи низ бајките и соочувајќи се со низа премрежја, главните ликови во претставата би требало да бидат отсликување на нас како општество со кое транзитираме веќе триесет години кон европската бајка, а сѐ повеќе се раѓа евроскептицизам, или барем така мене ми се причинува – посочува актерот Начев.

Сценограф и костимограф на претставата е Љупчо Јованов, композитор на музиката е Ади Имери, а извршен продуцент е Виктор Рубен. Асистент на костимографот е Валентина Чонкова. Претставата не се препорачува за лица под 18-годишна возраст.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот