Препораките за неработење на жештините се задолжителни

Работници на топло време / Фото: Слободен печат - Методи Здравев

Наспроти ставот на Трудовиот инспекторат, Милан Петковски, претседател на македонското Здружение за заштита при работа за „Слободен печат“ вели дека тие немаат законска сила. Дали фирмите можат да добијат на суд за одземениот профит?

Министерството за труд и социјална политика децидно соопшти дека работодавачите од јавниот и од приватниот сектор се должни да ги ослободат од работа бремените жени и лицата над 60 години возраст. Препораките за приватниот сектор се однесуваат само на начинот на организација на работното време за заштита од директна сончева изложеност на работниците и избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Образложението дојде по информациите дека градежните, но и другите фирми на кои деновиве им беше изречена забрана за работа поради непочитување на препораките за топлотниот бран, можат да ја обжалат одлуката бидејќи е препорака од Владата, а не наредба поткрепена со закон. Иако деновиве температурите се намалија, летото е пред нас, така што е реално да се очекуваат нови топлотни бранови.

– Државниот трудов инспекторат покрај препораките, при инспекциските надзори постапува и во согласност со одредбите од Законот за безбедност и здравје при работа. Така, според член 49 став 2 од Законот за безбедност и здравје при работа, ако Инспекторот на труд врз основа на надзор кај работодавачот утврди дека постои непосредна опасност по безбедноста и здравјето при работа на вработените, со решение ќе ја забрани работата во целост. Со оглед на тоа што во услови на топлотен бран, високите температури односно високиот УВ-индекс се максимум изразени, истите сами по себе претставуваат непосредна опасност по безбедноста и здравјето на работниците за што инспекторите на труд имаат правен основ за изрекување на напред наведената инспекциска мерка – објаснуваат од МТСП.

Работници на топло време / Фото: Слободен печат – Методи Здравев

Во јавноста се појавија многу недоумици дали мерките за заштита од горештините се задолжителни. Милан Петковски, претседател на македонското Здружение за заштита при работа за „Слободен печат“ вели дека тие немаат законска сила.

– Почитувањето на препораките може да зависи од одлуката на работодавачот, а секоја забрана може да предизвика дискусија за изгубениот профит на една компанија додека трае забраната за работа, предизвикана од топлотниот бран. Најризичните професии од работата на високи температури не се само градежниците, туку и земјоделците, сообраќајците, дрвосечачите, но и готвачите. Државните трудови инспектори имаат полни раце работа во овие жешки денови – додава Петковски.

И според анализата на Институтот за јавно здравје од 2018 година, постојат соодветни стандарди со кои се регулира оваа материја, но нивната примена е доброволна и тие не се преточени во обврзувачки законски и/или подзаконски акти. Во законодавството за безбедност и здравје на работа нема пропишани минимални барања во однос на условите за работа на отворено во услови на високи и ниски температури на работниците во неповолни микроклиматски услови, што би требало да ги обезбедат работодавачите.

– Во нашата национална регулатива не е пропишано при кои микроклиматски услови работодавачот треба да ја прекине работата поради реална опасност по животот и здравјето на вработените. Соодветно, нема насоки како да се управува со режимот на одмор и работа во рамките на еден работен час, што е еден од базичните принципи за минимизирање на температурните оптоварувања кај работниците што се применува во речиси сите земји што имаат искуство во организација на работа и заштита на здравјето на работниците кои се изложени на екстремни температурни услови.

Работници на топло време / Фото: Слободен печат – Методи Здравев

Оттука, во формалните документи за проценка на ризик, чија изработка претставува законска обврска на работодавачот, предложените превентивни и корективни мерки не се базираат на реална оценка на актуелниот професионален ризик на секое работно место за секој работник одделно – пишува меѓу другото во анализата.
Последните десетина години, летните температури кај нас се почесто достигнуваат многу високи нивоа од 35 или 40 степени, а во јули, август и септември се случуваат најголемиот број несреќи на работното место, покажаа резултатите добиени од анализата на несреќите при работа во 2020 година.

– Во летните месеци на 2020-та во споредба со 2019 година има зголемување и на бројот на повреди и на бројот на смртни случаи – посочуваат од Здружението.

Во Црна Гора се работи надвор само до 36 степени

Во Белгија, на пример, највисоката температура за лесна физичка работа е ограничена на 29 степени. За средно тешки работни места највисоката дозволена температура е 22 степени, а за најтешките работи границата е поставена на 18 степени. Слични прописи има и Унгарија, каде што максималната температура за канцелариска или лесна физичка работа е поставена на 31 степен, а за најтешка физичка работа на 27 степени. Надвор од ЕУ, во соседна Црна Гора, максималната температура на воздухот на која е дозволена работа е 36 степени, анализира Н1.

Според податоците на Eврофонд, европската агенција за подобрување на условите за живот и работа, во Хрватска повеќе од 30 отсто од работниците поминуваат најмалку четвртина од своето работно време на високи температури.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот