Премиерот ќе има најмногу 13 советници, некогаш беа 91

Димитар Ковачевски
Димитар Ковачевски / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Од Владата се категорични дека нема да толерираат неетичко и непрофесионално однесување на вработените и дека сите непотребни трошоци ќе се кастрат, сè со цел што повеќе пари да останат во буџетот за суштествени работи.

Од 11 до најмногу 13 советници ќе има премиерот Димитар Ковачевски. Најголем дел од нив ќе бидат универзитетски професори, а ќе биде ангажирана и професорка со македонско потекло која работи во Англија, како и двајца експерти од Германија. Во моментов на официјалната страница на Владата има 30 советници во кабинетот на премиерот, но го нема списокот на надворешните советници. На последниот ваков список, на кој пред една година се повикаа од ВМРО-ДПМНЕ, критикувајќи ја листата на советници на тогашниот премиер Зоран Заев, имаше 7 советници и заедно со постојано вработените советници, ја чинеле државата околу 400.000 евра годишно. Но, Заев, како што е познато, едно време имаше и повеќе советници, така што вкупниот број надворешни советници достигна 63. Меѓу надворешните советници беше и советник од Србија кому му плаќаа 1.500 евра месечно.  Најголем број советници имаше Никола Груевски, дури 91, за кои државата плаќаше по 1,7 милиони евра годишно.

Од Владата се категорични дека сега нема да има непотребен број советници, а тие што ќе бидат ангажирани се врвни професионалци.

– Премиерот ќе има најмногу 13 советници. Со нив веќе е договорена соработката, но договорите сè уште не се потпишани, па не е во ред предвреме да ги кажеме нивните имиња – велат од Владата.

Според списокот на советници во кабинетот на премиерот, а кој е ажуриран на 22.2.2022 година, 27 соработници се со нето-плата од 55.268 денари, двајца имаат нето-плати од 60.546 денари и еден е со нето-плата од 74.618 денари. Од Владата велат дека тие ќе бидат распределени на работни места според квалификациите, но не ја исклучуваат можноста доколку од некој не се задоволни, понатаму да не биде ангажиран.

Од Владата се категорични дека нема да толерираат неетичко и непрофесионално однесување на вработените и дека сите непотребни трошоци ќе се кастрат, сè со цел што повеќе пари да останат во буџетот за суштествени работи.

Премиерот Димитар Ковачевски на својот официјален фејсбук-профил порача: „Во услови на криза, сите институции се должни рационално и одговорно да го трошат буџетот и да ги намалат трошоците“.

Во таа насока, нагласи Ковачевски, на седница на Владата е донесена одлука до 21 март сите буџетски корисници, во своите буџети да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 проценти и да достават соодветен предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии. Со одлука се забрани и започнување нови постапки за набавка на мебел и возила, освен за неопходните активности за работењето на институцијата по претходна согласност од Владата. За 50 проценти се намалуваат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користење на службените возила. Владата наложи и да се намали бројот на службени патувања и значително да се намали бројот на членови на делегации при патувања во странство. Одлука има и за акционерските друштва во државна сопственост – да ги намалат тековните расходи за 15 проценти. За оние што нема да ги почитуваат овие одлуки на Владата за рационализирање на трошоците, се најавуваат санкции.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека Ковачевски доцни со мерките за намалување на трошоците.

„Доколку не знае Ковачевски, еве, ќе му кажеме јавно, да не биде неподготвен, институциите веќе си набавија мебел од стотици илјади евра во изминативе неколку месеци.  МВР набавиле мебел во вредност од 250.000 евра, Секретаријатот за европски прашања, каде што од пред неколку месеци е Бојан Маричиќ, си набавил мебел и услуги за перење автомобили во вредност од 700.000 денари. Бујар Османи, односно Министерството за надворешни работи набавило мебел во изминативе неколку месеци за над 20.000 евра. Љупчо Николовски во Министерството за земјоделство си набавил услуги за перење автомобили во висина од 470.000 денари. Тоа се над 2.000 перења возила годишно. Владата во изминативе месеци потрошила за мебел околу 300.000 евра“, рече Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот