Премиера на првата театарска претстава на македонски знаковен јазик за возрасни со оштетен слух во Битола

Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

На сцената на Центарот за култура во Битола, вечерва премиерно ќе се одигра првата професионална претстава „Улаф сте?“ на македонски знаковен јазик за возрасни лица со оштетен слух и на говорен македонски јазик.

Автор и режисер на претставата е Јован Ристовски, а актери се: Наталија Ристеска, Кристијан Танчевски, Марија Стефановска, Маја Андоновска Илијевски, Сандра Грибовска и Никола Пројчевски во име на глувите лица без цензура ги раскажуваат сите општествени неправди кон оваа ранлива група во општеството.

-Пораката на претставата е многу јасна. Време е за стандардизација на македонскиот знаковен јазик, бидејќи со претходната претстава за деца „Три“ што ја направивме пред две години наидовме на големи проблеми со толкувачи од другите градови каде што гостувавме со претставата. На пример имавме еден знак за јаболко што се користи во Пелагонискиот регион, а во Скопје, Кавадарци, луѓето користат друг знак за јаболко. Имавме реакции зошто користиме знаци коишто глувите не ги разбираат. И така дојдов до заклучок дека знаковниот македонски јазик не е стандардизиран-вели режисерот на претставата Јован Ристовски.

Тој додава дека Косово, Албанија, Хрватска, Бугарија имаат стандардизиран знаковен јазик, единствено Македонија, Србија и БиХ немаат и владее хаос на таа тема.

-Ние како театарски уметници во име на глувата заедница праќаме порака до надлежните институции дека време е да се стандардизира знаковниот јазик и сите граѓани во државата што се глуви комплетно да ги добијат своите права, како на пример да студираат на факултет. За тоа зборуваме и во претставата. Некои од глувите не можат повеќе за ниски плати да работат во печатница или во текстилна фабрика, каде и најголем број од овие лица се вработени заради олеснувањата што на работодавците им ги овозможува државата. Бидејќи се без високо образование, не земаат достоинствена плата и се зголемува бројот на глувите лица коишто заради ниските плати се иселуваат во Германија, вели режисерот на првата професионална претстава на македонски знаковен јазик за возрасни, Јован Ристовски.

Многу е тешко за еден актер прво да мисли како глув, потоа да ги учи знаците и да игра на сцена. Пробите на актерите за претставата траеја три месеци.

-Како актер по вторпат се соочив со знаковниот јазик. Пред година и пол со детската претстава „Три“ а потоа и со емисијата за знаковната азбука, со кои многу понаивно го опипавме знаковниот јазик, додека овојпат низ процес од три месеци верувам дека многу потемелно навлеговме во светот на глувите лица, и сите заедно како екипа поместивме планини. Да зборуваш на литературен македонски и паралелно да го користиш знаковниот јазик е голем предизвик. Дури и за самите толкувачи. Но, со гордост можам да кажам дека имаме една емотивна, прекрасна претстава која сакам што повеќе луѓе да ја гледаат. Ова не е претстава само за глуви лица, ова е претстава за сите нас, во која ќе се погледнеме во огледалото на животот. А дали ќе му се израдуваме или ќе се засрамиме од она што ќе го видиме таму, останува да си одговориме секој сам пред себе-изјави за „Слободен печат“ пред вечерашната премиера на претставата, актерката Маја Андоновска-Илијевски.

Костимограф на претставата „Улаф сте?“ на македонски знаковен јазик за возрасни е Марта Дојчиновска, сценограф е Стефан Малбашиќ, а драматурзи се Билјана Крајчевска и Весна Куслеска.

Толкувач на знаковен јазик Катерина Шаркоска, асс. Елизабета Георгиева, а соработник за знаковен јазик Мартин Ангелов.

Претставата е поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот