Преку алатка ќе се мери перформансот и ефикасноста на јавните обвинителства

Фото: Јавно обвинителство

Се изработува алатка што ќе ги мери перформансите на јавните обвинителства, со што ќе се овозможи подобро следење на ефикасноста. Јавниот обвинител Љубомор Јовески на денешната конференција за презентација на алатката порача дека јавните обвинители не бегаат од отчетност и одговорност за својата работа, но и другите чинители на власта мора да ги обезбедат сите услови за да се овозможи ефикасно функционирање на Јавното обвинителство.

Очекувањата на јавноста кои се однесуваат на ефикасното извршување на работата може да се остварат доколку обвинителствата располагаат со соодветни човечки, финансиски и материјални ресурси за кои во повеќе наврати сум говорел дека не се на неопходното ниво. Квалитетот и ефикасноста на работата на јавните обвинители не зависи само од нивната подготвеност и вештини туку и од обезбедувањето на овие материјални основи, вели Јовески.

Додаде дека јавните обвинители работат во интерес на општеството и граѓаните и оти не може да се помири со ниската доверба на граѓаните во правосудството.

Јавноста има потреба и заслужува подобро разјаснување на правниот процес на работата на јавните обвинители со што ќе се покаже дека нашите истраги и обвиненија се легитимни и засновани врз цврсти докази, заклучи тој.

Министерот за правда, Кренар Лога во своето обраќање потенцираше дека од почетокот на оваа година во сила е задолжителната примена на системот за електронска евиденција на предметите во Јавното обвинителство кој треба да овозможи непрекинат проток на податоци и информации во врска со постапувањето на јавните обвинителства.

Без видливост на работата и постигнатите резултати, без мерливи и квалитетни споредбени податоци кои се собираат и обработуваат, исто како во земјите членки на Советот на Европа и Европската унија, правдата ќе остане слепа и нема, а граѓаните нема да ја добијат уставно загарантираната заштита, додава тој.

Алатката која се нуди во рамките на проектот „Развој и воведување алатка за следење на перформансите на јавнообвинителскиот систем во Република Северна Македонија“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје, според претседателот на Советот на јавните обвинители Антонио Јолевски ќе овозможи подобрено следење на ефикасноста.

Ќе ни помогне и нам во Советот да увидиме каде имаме проблем со кадри, да се види обемот на работа на јавните обвинители, а со тоа да се подобри и перцепцијата на граѓаните за нашата работа, вели Јолевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот