Празните рафтови ќе ги натераат домаќинките да месат леб?

Фото: Профимедиа

Горан Малишиќ од Групацијата за мелничко-пекарска индустрија при СКМ смета дека оваа одлука ќе предизвика дневни загуби на пекарите од 3 до 15.000 евра. Горан Ѓорѓиевски, сопственик на „Специјал“, не верува дека ќе има недостиг на брашно, доколку се оствари нивната закана, бидејќи има доволно залиха на пазарот

Во истиот момент кога ќе се објави владината одлука за замрзнување на цената на белиот и на полубелиот леб на 33 денари, пекарите ќе ја стопираат работата, односно од тој ден нема веќе да произведуваат. Ова е едногласна одлука на 32 големи индустриски пекарници и на другите мали пекарници во земјава, кои сочинуваат 95 отсто од сите производители на леб, соопштена на прес конференција во Стопанската комора на Македонија.

И да има пекари што нема да го почитуваат договореното, тие нема да може да го одржат нормалното снабдување со леб, дециден е Горан Малишиќ, претседател на Групација за мелничко-пекарска индустрија при СКМ. Горан Ѓорѓиевски, сопственик на „Специјал“ за „Слободен печат“, пак, рече дека не верува дека ќе има недостиг на брашно доколку се оствари нивната закана, а граѓаните почнат дома да месат леб. Ѓорѓиевски, додава дека има доволно брашно на пазарот.

Пекарите се револтирани и сметаат дека не може да се носат одлуки преку ноќ, а целата дискусија за социјална солидарност да се префрла врз нив. Тие се согласни дека мерката за повластена цена на струјата за прехранбената индустрија имала позитивен ефект, бидејќи сите компании ги намалиле цените на лебот и повеќе отколку што требало.

– Со донесувањето на оваа мерка, се стопира зголемувањето на цената на лебот, која потоа се намали и во согласност со ветувањето од производителите. Сега повторно преку ноќ се носи одлука што ќе предизвика дневни загуби на пекарите од 3 до 15.000 евра – вели Малишиќ.

Тој потсети дека пазарот веќе има леб со цени од 33 до 35 денари, во зависност од категоријата, а секоја компанија има свои пресметки, свои влезни трошоци во производството. Од друга страна, никој не ги тера граѓаните да купуваат лебови што се поскапи, бидејќи има голем избор на лебни производи во трговијата, така што цената на хард дисконтите не може да биде основа за замрзнување на цените.

– Цените на пазарот веќе се намалени, и тоа повеќе од субвенциите. Во формирањето на цените не влегува само струјата, туку и цените на брашното, работната рака, нафтата, опрема за пакување… Со оваа одлука се прави штета на бизнисот, не се гледа целата слика туку само одредени цени. Не сме против  мерката, но ако Владата ја донесе мерката, од наредниот ден нема да се носи леб на пазарот. Има модел како Владата да направи социјална цена за лебот. За да се задоволат потребите на населението, треба да се фатите за џеб – потенцира Малишиќ, повторно укажувајќи како тоа го прават соседите.

Тој појасни дека изминативе две години за време на пандемијата, тие биле општествено одговорни, но ако сега работат со замрзнати цени, загубите ќе им бидат драстични. Малишиќ е револтиран што во изминатиов период имало многубројни одлуки штои резултирале со загуби во дејноста, но додаде дека се спремни за преговори.

– Ако веднаш не затвориме, тоа ќе се случи наскоро по ефектуирањето на оваа одлука – додаде Малишиќ.

Горан Ѓеоргиевски, претседател на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија, појасни дека во вкупната цена на лебот 40 до 45  отсто се материјалните трошоци, околу 35 проценти се трошоци за работна рака, а останати за амбалажа, нафта, други енергенси…

– Поради одливот на кадар има голем притисок врз платата во секторот, која нагло порасна. Просечната плата кај пекарите е 600 евра, но има такви кои се платени и по илјада евра месечно. Зголемена е дури и платата на продавачките во пекарниците, која се движи и над 400 евра. Земете го примерот на соседна Србија, три години имаат субвенционирана струја, а ние ја добивме од јануари годинава, а сè уште им трае и субвенцијата за 50 отсто од бруто-платата. Точно е дека цената на пченицата е намалена, ама ние имаме сè уште залихи од најскапата пченица – објасни сопственикот на „Специјал“.

Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека во вторник на седница на Владата ќе се разговара за замрзнување на цената на лебот на 33 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот