Правото на еднаквост не важи во автобус, за студентите од приватните факултети и годинава нема бесплатно возење

Фото: ЈСП „Скопје“

Студентите од приватните факултети повторно „извисија“, па ниту оваа академска година нема да имаат право на бесплатен јавен превоз како нивните колеги од државните факултети. ЈСП „Скопје“ денеска соопшти дека право на студентски годишен билет за бесплатно користење јавен превоз имаат сите редовни студенти на додипломски студии на некој од државните факултети во Скопје без ограничување на возраста.

Тоа значи дека препораките на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација до градоначалничката Данела Арсовска да иницира измени и дополнувања на Одлуката за давање на субвенција на ЈСП „Скопје“, со кои ќе се утврди правото на бесплатен превоз и за студентите запишани на приватните универзитети за да се спречи нееднаквиот третман, па дури и нивната најава дека ќе поднесат тужба за заштита од дискриминација – се залудни. Денешното соопштение од ЈСП е доказ дека ниту градоначалничката иницирала ваква постапка ниту има намера да промени нешто што со години се практикува на овој начин.

Пред при месеци Комисијата утврди дека Град Скопје врши дискриминација врз основа на личен и општествен статус врз студентите од приватните универзитети, со тоа што не им овозможил бесплатен јавен превоз како на студентите од државните факултети, откако двајца студенти од Куманово поднеле претставки до Комисијата дека се чувствуваат дискриминирани. Притоа КСЗД и даде рок од 60 дена на Арсовска да ја исправи неправдата, нешто што досега не се случи.

 Комисијата утврди дека Град Скопје, со своите одлуки за давање субвенции на ЈСП „Скопје“ за обезбедување бесплатен превоз на редовните студенти на додипломски студии од државните универзитети, од сопствениот буџет, во подолг временски период ги става редовните студенти на додипломски студии запишани на приватните универзитети, меѓу кои е и подносителот, во понеповолна положба и создава нееднаков третман кон истите, исклучувајќи им го пристапот до користење бесплатен градски превоз на еднаква основа со студентите запишани на државните универзитети, во целосно споредлива ситуација, што претставува повреда на правото на еднаквост односно дискриминација – соопштија тогаш од Комисијата.

Откако градоначалничката не реагираше, Комисијата најави тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес за остварување на правото на бесплатен јавен превоз за сите студенти од приватните универзитети, но и најави и дека ќе поднесат барање за прекршочна постапка против Арсовска, заради неисполнување на препораките на Комисијата.

И додека Арсовска молчи, од ЈСП ги информираа бруцошите за процедурата за обезбедување бесплатен годишен билет која се врши во некој од седумте центри за персонализација, со лично присуство на студентот. Студентите за да го добијат билетот, ќе мора со себе да понесат потврда за редовен студент не постара од еден месец. индекс и лична карта на увид и да платат 200 денари еднократно за изработка на електронска персонализирана картичка „Скопска“.

На бруцошите билетот автоматски им важи до истекот на наредната календарска година (2024 година). Студентскиот годишен билет за бесплатен превоз важи за неограничен број возења за сите линии (градски и приградски), но не и за превоз во ноќна тарифа – велат од ЈСП и посочуваат дека билетот е единствен валиден документ за бесплатно возење во автобус на студентите што ги исполнуваат условите за студентски годишен билет и дека не се признаваат индекс, потврда за редовен студент и слично.

Студентите од приватните факултети исто како и средношколците што се запишани во некое од приватните средни училишта, со години се обидуваат да се изборат за еднаков третман во однос на правото на бесплатен превоз. Нивната борба досега е без позитивен исход. Дури, во 2016 година студенти ја обжалиле одлуката на Град Скопје за бесплатен превоз пред Уставниот суд, кој оценил дека оваа одлуката не е уставна, но поради недоволен број гласови од судиите, пресудата не станала правосилна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот